Блинкен утре во посета на Украина

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен утре ќе ја посети Украина, во време на ескалација на тензиите меѓу Вашингтон и Москва поради можна руска инвазија на нејзиниот сосед, соопшти Стејт департментот.

Блинкен ќе се сретне со претседателот Владимир Зеленски и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеб „за да ја потврди посветеноста на САД на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, соопшти денеска Стејт департментот.

Американскиот Стејт департмент наведува дека патувањето на Блинкен во Киев доаѓа по „интензивните дипломатски контакти со европските сојузници и партнери за усогласен пристап кон заканата што Русија ја претставува за Украина“.

Патувањето на Блинкен во Украина беше брзо организирано, по минатонеделните дипломатски разговори меѓу Москва и Западот, кои не ги надминаа острите несогласувања околу Украина и други безбедносни прашања, пренесува Бета.

Од Киев, Блинкен ќе отпатува за Берлин, каде со министрите за надворешни работи на Германија, Велика Британија и Франција ќе разговара за можен одговор на евентуална руска воена акција.

Стејт департментот наведува дека „патувањата и консултациите на Блинкен се дел од дипломатските напори насочени кон деескалација на тензиите предизвикани од трупањето руски воени сили (во близина на украинската граница) и континуираната агресија против Украина“.

Back to top button
Close