Бугарскиот амбасадор отвори сомнежи за бегството на Ива Михаилова: „Не можам да тврдам, но би бил изненаден“


Бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, изјави дека би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за заминувањето на Ива Михаилова од Македонија, иако нагласи дека нема информации врз основа на кои би можел да тврди дека нејзиното напуштање на државата било однапред договорено.

Во интервју за бугарската телевизија bTV, Радуков отвори сомнежи околу начинот на кој Михаилова успеала да ја напушти Македонија, и покрај судските ограничувања, одземените патни исправи и полициските мерки што, според него, биле применувани.

„Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено“, одговори амбасадорот на прашањето дали е можно Михаилова да заминала без знаење на македонските власти.

Радуков потсети дека нејзините меѓународни пасоши биле одземени со судска одлука уште во октомври минатата година, дека немала македонска лична карта и дека била внесена во списокот на лица на кои им е забрането да ја напуштат државата.

Тој тврдеше и дека пред нејзиниот дом редовно имало полициски патроли, а при излегувањата ја следеле полициски службеници во цивилна облека. Според него, Михаилова пријавувала и дронови над својот дом во ноќните часови.

„И одеднаш сето тоа на некаков начин исчезнува и таа ја преминува границата? Ве молам“, изјави Радуков.

Сепак, амбасадорот призна дека бугарската држава не била информирана за намерата на Михаилова да замине. Како што рече, и тој и бугарската амбасада за нејзиното заминување дознале од медиумите.

„Од вас дознав. Вие нè информиравте во програмата на bTV. Тоа не беше најсоодветниот и најдобриот начин да дознаеме за нешто толку важно“, рече Радуков.

Изјавите следуваат откако амбасадорот беше повикан на разговор во македонското Министерство за надворешни работи поради случајот со Михаилова, која замина во Бугарија со својот бугарски адвокат, без евидентирано преминување на граничните премини меѓу двете држави, според информациите наведени во прилогот на bTV.

Радуков потврди дека македонската страна изразила загриженост за случајот, но одби да открие детали од дипломатската средба.

Амбасадорот изјави и дека Бугарија претходно ѝ обезбедила правна и друга поддршка на Михаилова, вклучувајќи адвокат, покривање трошоци и експертизи. Според него, се очекувало да продолжи судската постапка, додека паралелно се подготвувала работа на медицинска комисија со учество на бугарски лекари, која требало да ги разгледа можностите за нејзино лекување.

Тој нагласи дека не може да го поддржи начинот на кој Михаилова ја напуштила Македонија, иако, како што рече, го разбира нејзиниот очај.

Михаилова е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со еден загинат и тројца повредени, а нејзиното заминување од државата отвори дополнителни прашања за спроведувањето на судските мерки и граничните контроли.

Back to top button
Close