Домашниот одмор веќе не е „евтина“ опција за граѓаните

Охрид, Струга и Дојран и ова лето остануваат меѓу најбараните домашни дестинации, но цените за сместување покажуваат дека одморот во Македонија веќе не е толку „достапен“ како порано. Проверка на понудите на Booking и Airbnb за почетокот на јуни покажува дека една ноќ за две лица може да чини од околу 1.500 денари до над 13.000 денари, без дополнителните трошоци за превоз, храна, паркинг или лежалки.

Истражувањето опфаќа различни типови сместување – од приватни апартмани до хотели – во трите најпосетени домашни летни дестинации. Цените зависат од локацијата, близината до езеро, условите во сместувањето, како и дополнителните услуги и надоместоци што ги пресметуваат платформите.

Според анализата, на Booking, Охрид останува најскапата дестинација, со цени од околу 1.600 до 6.000 денари за една ноќ за две лица, а ориентациската средина на понудите е околу 3.800 денари.

Во Дојран, цените се движат од околу 1.500 до 4.500 денари, додека во Струга од околу 2.000 до 4.000 денари за една ноќ.

На Airbnb, пак, распоните се уште поголеми. Во Охрид и Струга биле пронајдени понуди од околу 1.470 денари до над 13.100 денари за една ноќ за две лица, додека во Дојран цените достигнувале до околу 7.860 денари.

Според податоците, просечната нето-плата во февруари 2026 година изнесувала 46.159 денари, а минималната плата од март е 26.046 денари нето. Тоа значи дека само една ноќ во Охрид, со просечна цена од околу 3.800 денари, претставува околу 15 проценти од минималната плата, без да се пресметаат останатите трошоци.

Дополнителен притисок врз цените создава и растот на туризмот. Во првите три месеци од 2026 година бројот на туристи во земјава пораснал за 5,2 проценти во споредба со истиот период лани, а бројот на странски туристи се зголемил за 6,9 проценти.

Во анализата се наведува дека, иако домашниот туризам останува привлечен за кратки летни патувања, одморот во Македонија веќе бара внимателно планирање и пресметка на сите дополнителни трошоци.

Домашниот туризам можеби останува попрактичен избор поради близината, но цените ова лето покажуваат дека и одморот во Македонија сè потешко може да се смета за навистина евтина варијанта, пишува Скопје1.

Back to top button
Close