Два километри

 

Ах, љубов неверна. Каква страст беше тоа кога ВМРО-ДПМНЕ пред една година ја поддржа „најдобрата менаџерка“, да стане „мајка на главниот град“ на локалните избори. Што убав сеир се фаќа сега кога градоначалничката Данела Арсовска го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека „не може да излезе од тендер матрицата“.

Па уште и дека не успеал да ги сменил договорите со Грција и Бугарија. А тој сиромашкиот ни раскажуваше приказни дека таа сама се кандидирала, ама тој ја препознал нејзината „успешна аура во јавноста“ и затоа решил да ја поддржи. Значи, не знае да направи проценка, па не треба да му се верува ни во иднина. Ама не е за фаќање сеир работава.

За загриженост е. Прво затоа што „шпицен градоначалникот“ Христијан Мицкоски и неговата штитеничка Данела Арсовска не се скараа на идеолошка основа. Се скараа за 136 милиони евра за изградба на пречистителната станица во Скопје.

Ова не е судир на десницата. Ова е судир за провизии. Којзнае што сé прават вмровците и Мицкоски во општините каде што градоначалниците им се оригинални, а не фејкувани независни кандидати со „успешни аури“. Второ, затоа што Скопје и натаму ќе се распаѓа. Што направи Данела Арсовска за година дена освен што сопираше проекти, менуваше директори, тие што не ги менуваше си даваа оставки, се жалеше дека наследила долгови и ја обвинуваше

Владата дека не ѝ дава пари. За една година требаше да видиме дека прави нешто, а не само да се жали. Го зграпчи градот и го запре. Што ќе правеше „најдобата менаџерка“ ако имаше наследено приватна фирма со долгови? Ќе се жалеше, ќе плачеше и ќе обвинуваше, или ќе работеше да ја оправи фирмата? Да беше Скопје приватна фирма, а Арсовска менаџерка, до сега или ќе почнеше да ја оправа, или ако толку не ја бива ни фирмата, ни вработените, ќе ја ликвидираше. И трето, затоа што на СДСМ уште не му текнува зошто ги изгуби локалните избори.

Оваа драмолетка навистина е на барање на гледачите, ама уште не се свесни зошто барањето беше со убедлив број гласови. А со она нивното ликување: „Баравте, гледајте!“ не покажуваат и дека имаат намера да се освестат.

Така што, навистина е забавно да се следи овој егзодус на вмровски директори од претпријатијата на Градот Скопје и како меѓусебно се обвинуваат за крадење и неспособност. Ама, не е за сеир работава. За плашење е. Многу лошо за градот. Ова е измама на гласачите што им верувале и одмазда за оние што не им верувале. Ако не можеме да крадеме, ќе си одиме.

Целата колума на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close