ЕКСПЕРТИ ЗА ВОДА

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ТВ интервју за Сител најави дека кога ќе ја чита заклетвата како нов премиер, ќе се заколне во „Северна Македонија“. Со тој себап, белким и темата „северџани“ ќе почне да губи од интензитет. Ќе биде глупаво неговите приврзаници да продолжат со навредите по северџанска линија. Ќе треба и него да го навредуваат.

За разлика од другпат, кога Мицкоски нема став и не знаеш што кажал, овојпат беше математички прецизен. Кажа: „Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно“.

И веднаш потоа кога се дообјаснуваше се врати стариот Мицкоски: „Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија“.

Значи, Мицкоски во странство ќе зборува во името на Северна Македонија. А кога е дома ќе си вика само Македонија, оти тоа е негово човеково право. Надвор ќе биде премиерот Мицкоски, а дома граѓанинот Мицкоски. Премиерот Мицкоски ќе го почитува Уставот и законите на неговата држава кога е надвор, а граѓанинот Мицкоски ќе си прави што си сака дома. А во исто време вели дека не може од граѓаните да бара да почитуваат закони, а тој како премиер да се однесува со двојни стандарди.

Оф… Ај нека помине и заклетвата на новата Влада, па да престанат да се дообјаснуваат и дома и во странство. Уште повеќе ќе се заплеткаат.

Додуша, што се однесува до традиционалните вмровски гласачи, а тие на Мицкоски му се најважни, ним дообјаснување не им е потребно. Штом лидерот вели дека тоа што до вчера било црно, од денеска е бело, тогаш навистина е бело. Така беше и со поддршката од ДУИ за гласањето на законот со кој се зголеми бројот на министерствата. Така ќе биде и со заклетвата на новата Влада. Штом од партијата им велат дека црното станало бело, ама за нивно добро, тогаш нема што. Лидерот рече: Законите и Уставот мора да се почитуваат.

И ај сега на раат да си ги дотрошиме ланските и да си го почнеме новите годишни одмори. Каде? Во Грција? Не. Кај „јужниот сосед“.

3Впрочем, Мицкоски ќе се однесува согласно менталитетот на просечен македонски граѓанин. Почитува закони кога е во странство. Кога е дома ги крши законите. Дома ќе се паркира каде што сака, по тротоари, на места за инвалиди, во пешачки зони, во паркови, а во странство три пати ќе се враќа кај сообраќаниот знак да провери колку треба да плати и ќе внимава да не ја згазил линијата. Дома ќе се кара со полицајци, во странство понизно ќе им шепоти. Дома ќе фрла ѓубре во лет од кола, а во странство скришно ќе пуши и ќе си ги чува отпушоците в џеб.

Целата колумна на Гиран Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close