Филипче: Орбан, Вучиќ и Мицкоски се како руските „бабушки“ – првата падна, сега е ред на овие двајца

„Мицкоски и целата организирана криминална група ВМРО се најблиските партнери и пријатели на Орбан на Балканот. Еден од тие скапи и нетранспарентни договори владата на Кристијан Мицкоски го склучи со владата на Орбан, должејќи им на граѓаните милијарда евра“, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија – Венко Филипче.
Филипче тврди дека Скопје, Белград и Будимпешта се поврзани преку мрежа од политички, медиумски и бизнис интереси, во која важна улога играат Алта банка, енергетскиот сектор и компаниите поврзани со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Во интервју за Нова.рс, тој вели дека „ништо нема да остане под тепих“.
Тој рече дека Орбан, српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер и лидер на партијата на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се како руски кукли „бабушки“.
„Секоја следна е помала. Првата падна, сега е редот на овие двајца“, рече Филипче.
На прашањето на што СДСМ со месеци ги темели тврдењата дека постои политичко-финансиска мрежа што ги поврзува Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Христијан Мицкоски, Филипче вели:
„Од вчера не ја откривме оваа мрежа. Ја разоткриваме со месеци, а секој нов ден носи нови потврди. За почеток, да бидам јасен – Христијан Мицкоски долго време го нарекуваат „мал Вучиќ“ во Македонија. И тоа не е случајно. Начинот на кој зборува, начинот на кој се однесува, па дури и реториката што ја користи – тоа е евтина копија на Александар Вучиќ. Ако ја погледнете политиката, има целосно копи-пејст. Истата поделба на луѓето на „патриоти“ – оние што се за ВМРО – и „предавници“ – сите останати. Истата реторика околу ЕУ: „можеби, но со достоинство“, „нема да дозволиме да ни го загрозат идентитетот“, „нема да отстапиме ни милиметар“… Истата идеја дека целиот регион треба заедно да влезе во ЕУ, без право на глас – идеја што никој од ЕУ не ја предложи, а Мицкоски беше првиот што ја поддржа. Сестрински партии, „браќа“, со Орбан како „голем пријател“. Имавме минимална соработка со Унгарија, а откако Мицкоски е на власт – секојдневно се најавуваат нови „проекти“ со Унгарија. Со месеци предупредуваме дека сите компании што „инвестираат“ имаат директна врска со Орбан – медиуми, енергетика, железници, телекомуникации, финансии… Со месеци предупредуваме дека сè ќе биде блокирано. Очигледно, ниту ВМРО не го очекувало падот на Орбан. А каде е Никола Груевски во бегство речиси една деценија? Точно во Унгарија. Кога бегаше, помина низ Србија, а во Унгарија доби политички азил. Знаеме дека има и српски и унгарски пасош. Ви требаат повеќе докази?“.






