Филипче: Според Мицкоски, излегува дека и Вајц и медиумите лажат

„Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува“, пишува лидерот на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со извештајот на европратеникот и известувач за С Македонија, Томас Вајц.

Во својата реакција објавена на Икс, Филипче го проблематизира ставот на Мицкоски, кој претходно изјави дека медиумите читале извештај кој е „комплетен антипод“ од поставените прашања.

„Сега, според Мицкоски, излегува дека и Вајц и медиумите лажат. Наскоро и Вајц може да очекува црна кампања преку Орбановите медиуми, а можеби ќе почне и да го навредува, како што Вучиќ го нарекува Тонино Пицула кога не му се допаѓа извештајот на ЕУ“,

пишува Филипче.

 

Лидерот на опозицијата вели дека ова е веќе видена тактика за пресметка со неистомислениците.

Според него, реториката на власта е насочена кон сите кои не се потчинуваат на нивните наративи и тогаш, како што вели, Мицкоски користи термини како „медиокритети“, „талог на општеството“, „мочуриште“.

Филипче додава дека ваквиот пристап е „класика“ која јавноста ја познава и вели дека доаѓа времето на вистината.

Европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.

 

Back to top button
Close