Гаси струја

Во исто време додека во Владата смислуваат како да потрошат 5 милиони евра од буџетот за да си купат љубов од телевизиите, смислија и како да го намалат бројот на студенти корисници на субвенциониран оброк.

Ај што го поскапеа субвенционираниот оброк, го поскапеа, оти сите цени се отидени угоре. Ама мислеле и како да ги заострат критериумите, па смислија дека субвенциониран оброк не смее да имаат корисниците на стипендија и студентите што во фамилијата имаат членови кои имаат минимална плата. Па кој да користи субвенционирана храна, ако не тие што имаат минимална плата?

Тие што во семејствата немаат никаква плата? Понекогаш си мислам дека некој им прави саботажа на сдсмовците.

Дека ВМРО-ДПМНЕ подмолно им смислува глупави решенија и по некои тајни канали им ги испраќа во кабинетите, а овие од што се мрзеливи без да ги читаат ги пуштаат во процедура. Да се прикаже дека се работи нешто, де.

Да се стави на Фејсбук. Лајкови ќе ни ставаат од штабовите. Или пак, власта сосема има изгубено контакт со реалноста. Како инаку да објасниш дека среде светска криза некоја социјалдемократска влада решила да штеди баш на студентите. И тоа на храната. И тоа од храната за најсиромашните студенти. Среќа што претседателот на државата Стево Пендаровски има контакт со реалноста, кога вели дека тој не би го пуштил својот син да живее во студентски дом.

Во интервју за ТВ 24, рече дека „условите во студентскиот дом Стив Наумов беа грозни и одвратни уште пред 25 години и не гледам дека нешто суштинско се променило“. А условите во домовите можат ли да се сменат самите од себе? Или ќе се поправат само со гледање од близина? Стево Пендаровски пак заборави дека е претседател.

Да, навистина, тој како шеф на државата не е одговорен за студенстките домови. Ама, Стево Пендаровски денеска не е истиот Стево Пендаровски од пред 25 години. Мала разлика е што сега е претседател на државата. На крајот на краиштата, воопшто не ме интересира што ќе констатира некојси граѓанин Стево Пендаровски за условите во домовите. Не ме интересира дури ни што мисли претседателот Стево Пендаровски за истата тема. Ме интересира што прави за да биде подобро.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close