Генералот Мајли вели дека се пишмани што стоел до Трамп по насилното растерување на протестите во Вашингтон

Генералот Марк мајли, претседавач со Здружениот штаб наамериканските  вооружени сили  денеска објави извинување поради своето учество во прошетката и фотографирањето со претседателот Доналд Трамп во паркот Лафајет во Вашингтон, минатиот понеделник, откако властите употребија солзавец и гумени куршуми за растерување на мирните протестите за да го расчистат патот.

-Не требаше да бидам таму. Моето присуство во тој момент и во таа атмосфера создаде перцепција дека војската е вовлечена во домашната политика, изјави Мајли во снимена видео порака прикажана денеска за време на дипломска церемонија во Националниот факултет за одбрана, јави Њујорк тајмс.

Фотографирањето во кое Трамп позираше со Библија в рака се одвиваше пред влезот на епископската црква Свети Јован лоцирана наспроти Белата куќа, а Мајли беше дел од групата составена од државниот врв во која беа и министерот за одбрана и јавниот обвинител, Марк Еспер и Вилијам Бар, но и останати советници на претседателот.

Изјавата на Мајли сигурно ќе го налути претседателот, објави весникот.

Ова е уште една конфронтација со Пентагон, откако вчера Трамп не ја прифати сугестијата од највисокиот воен орган за преименување на армиските бази именувани во чест на генерали и офицери на јужњачката Конфедерација, државен ентитет што се борел против Унијата од северот во американската Граѓанска војна во 19 век.

Караницата меѓу Трамп и Пентагон укажува дека постои длабок цивилно-воен раскол невиден уште од времето на Виетнамската војна, пишува весникот.

-Како униформирано лице со должност, ова е грешка од која научив многу, изјави генералот Мајли.

Тој кажа дека бил лут поради „неразумното и брутално убиство на Џорџ Флојд“ и повтори дека е против распоредување федерални армиски трупи низ САД за задушување на протестите. 

Низ земјата деновиве се одвиваат масовни демонстрации против расизмот и убиството на Флојд. 

Back to top button
Close