Имаме ли јасна претстава каде припаѓаме

Ерол Ризаов

Во оваа 2023 година нашата европска припадност конечно треба да се искристализира и да стане разбирлива безмалку за секој граѓанин.

Секогаш кога Хрватска ќе направи чекор напред во својата европеизација се присетувам на еден настан кој се случи пред повеќе од 20 години. Колегата новинар на загрепски „Вјесник”, Александар Милошевиќ, во својство на хрватски амбасадор во Македонија , на една од нашите седенки во „Камин Чамо“ ми понуди хрватски пасош. Тоа беше симпатична провокација дека Хрватска пред Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ. На „непристојниот предлог“ возвратив со иста мерка дека можам да се заложам и тој да добие македонско државјанство, бидејќи е доволен услов што е имењак на Александар Македонски. Реков, ние пред вас ќе бидеме членка на НАТО и на ЕУ, па затоа подобро е ти да добиеш македонски пасош, отколку јас хрватски. Реков и пререков.

Шегата на страна, тогаш, преовладуваше оценката и во Брисел и во Загреб дека Македонија е пред Хрватска во евроатлантските интеграции. Денес првиот ден од новата 2023 година со измешани чувства на радост, јанѕи и јад повторно се присетив на тие денови кога имавме јасна иднина. Радост затоа што уште една поранешна југословенска република направи огромен историски чекор напред и дефинитивно со две интеграции во еден ден целосно припадна на Европа. На полноќ, во првиот ден од новата 2023 година, по помалку од десет години членство во Европската унија, Хрватска стана членка на Шенген зоната, со што се приклучи на клубот со 26 други земји и 420 милиони луѓе во најголемата светска област на слободно движење меѓу земјите.Ја попречи ли Апелацискиот суд правдата?

Во исто време, Хрватска стана 20-та членка на еврозоната, на Европската монетарна унија, со што еврото стана примарна валута и единственото законско средство за плаќање. Со тоа Хрватска влезе во фаза на нови почетоци на достигнувања примерни на западноевропските вредности. Честитки за првото место во Европа со двојна интеграција единствена досега во исти ден.

Се оди дотаму Кина да не` храни, Русија да не` брани

Истовремено јанѕи и јад ме обзема затоа што ние во Македонија се` уште немаме јасна претстава каде припаѓаме. Навистина, анкетите се` уште покажуваат дека е голема поддршката на граѓаните на Македонија за членство во ЕУ, но тоа повеќе наликува на необврзувачки партиски декларативни изјаснувања кои се далеку од европскиот идентитет на Македонија. Сите се за ЕУ, ама го нема тој решителен притисок на јавноста врз политиката како единствена мерка на успешноста да биде влезот во европското семејство.

Тоа е така затоа што се пресилни дилемите и сомнежите на академските и интелектуални средини, на масовните медиуми за тоа каде припаѓаме, какви се` други подобри алтернативи постојат освен ЕУ. Се оди дотаму, Кина да не` храни, Русија да не` брани.


Вчудоневидувачки се обидите на интелектуалци, научници, академици, универзитетски професори, новинари да се влезе во главите на луѓето кои живееле на овие простори пред сто, двесте, илјада…. години. Ги толкуваат соништата на претците , како бајачи, ја пресметуваат од око цената која треба да ја платиме за изгубениот идентитет, небаре од утре ќе станеме нешто друго, освен она што сме. Ќе се асимилираме, ќе се бугаризираме, ќе го изгубиме јазикот, ќе ни го земат историското минато. Нивните сметки се многу повисоки од цената на изгубената иднина, на сиромаштијата и на жртвуваните генерации.

Никогаш, ни емпириски, ни духовно, добро засолнети од Табановце до Гевгелија не пресметале што значи слободно движење на простор од 500 милиони луѓе и на 26 држави. Не кажале ништо за тоа што значи, културно, научно, образовно, економски, политички, безбедносно и демократски припаѓањето на тој единствен во светот простор. Заробени само во сопствениот идентитет, не можат, или подобро кажано не сакаат да го видат тој повеќекратен и национален и јазичен идентитет на илјадници клултурни посебности.

Ја негираат реалноста со митови

Наместо силно да притискаат на заедничката европска перспектива и за подобра иднина,тие не` враќаат во минатото. Ја негираат реалноста, поблиски им се митовите и популизмот бидејќи таму аплаузите се силни. Со тоа однесување на естрадни ѕвезди им даваат силна поддршка на политиките кои во својата идеологија ги имаат митовите и теориите на заговор кои главно се сведуваат на тоа – се` што доаѓа од Запад е против нас.

Навлезени во вознес дека спречуваат нешто страшно што ни се заканува, ни прикажуваат погрешни прогнози за катастрофалната иднина. Притоа не забележуваат дека учествуваат само во одложување на нешто што неминовно ќе се случи, Македонија да стане членка на ЕУ каде што припаѓа и културно и географски и политички.

Тоа одложување е најопасниот ризик, најскапата цена бидејќи се уште предизвикува повеќе колебливост, отколку доволно масовна и цврста определба како и каде сакаме да живееме. Дали тоа треба да го направиме сами со многу тешкотии и работа, или ќе чекаме некој друг тоа да го направи наместо нас. Ако чекаме други да ни ја завршат најважната работа која треба да ја одработат овие генерации, тешко ќе дочекаме, со ризик да им ја одземеме иднината на нашите потомци.

Членството во ЕУ и припадноста на западните вредности е пат што не може да се изоди одделно и партиски. Таа најтешка етапа мора да се помине заедно. Тоа е можно само со јасна претстава каде припаѓаме. Во оваа 2023 година нашата европска припадност конечно треба да се искристализира и да стане разбирлива безмалку за секој граѓанин. Ако не знаеме каде да пловиме, ниту еден ветер не е поволен, кажал големиот мудрец Сенека.

Back to top button
Close