Исчекор или „мечкина услуга“- дилеми пред новото мнозинство?

Катерина Блажевска

Партиите се подготвуваат за седницата на Собранието во 15 часот, на чиј дневен ред се предлози за разрешување на министри и заменици министри и за избор на нови, откако Алијанса за Албанците постигна договорда се приклучи на мнозинството. Партиите од власта ќе се трудат на купче да ги соберат сите пратеници, никој да не биде болен или отсутен. ВМРО-ДПМНЕ во 10 часот на координација со пратеничката група ќе утврди со каков став ќе настапат на собраниската седница, но извесно е дека нивните пратеници со максимално пријавување за дискусија темелно ќе го „чешлаат“ секој предлог на Владата, што значи дека седницата за реконструкцијата на владиниот кабинет ќе потрае подолго.

Што се очекува?

„Танте за кукурику“ е тривијален израз кој се користи кога одреден пазар не завршува со добивка, туку колку си добил – толку и си изгубил. Овој израз засега е најупотребуваниот опис во прогнозите – колку реално ќе се зголеми владиното мнозинство? Причините се познати: Алијанса за Албанците која има 8 пратеници влегува во власта, но Алтернатива излегува. Синоќа на Централно собрание партијата донесе одлука нејзините тројца пратеници во Собранието да дејствуваат како опозициски. Некогашниот нејзин четврти пратеник, Скендер Реџепи, неколку месеци дејствува како независен пратеник, и во шпекулациите е вбројуван како пратеник кој нема да го поддржи мнозинството, но има тврдења и дека можеби би постапил поинаку.

Алијанса за Албанците влегува во владата - Зијадин Села и Арбен Таравари
Алијанса за Албанците влегува во владата – Зијадин Села и Арбен ТаравариФотографија: DW/P. Stojanovski

Мнозинството нема да добиеподдршка од пратеници на ДУИ кои се дел од т.н. „Огнена група“, а во неа се Изет Меџити и Мерита Коџаџику, но и независниот пратеник Кастриот Реџепи. Тој во 2021 година се отклoни и од Беса и со неговото „исчезнување“ помогна да не и биде изгласана недоверба на Владата, а сега се појавува на средби што ги имаат „огнените“ со партиските ограноци. Не е извесно дали отпорот ќе остане на оваа „тројка“ со оглед дека порасна незадоволството откако беше доставен предлог за разрешување на заменик-министерот за одбрана, Башким Хасани од ДУИ, кој едел од „огнената група“, без тој да биде информиран.

„Не можеме да се преправаме дека ги обединуваме Албанците или ги обединуваме во европски фронт кога си ја делиме сопствената партија или домот“, изјави пратеникот Изет Меџит за ТВ Алсат.

„Јасно е дека тоа е сојуз за интереси, сојуз на пазарења за да се замолчи поинаквиот глас. Во предлозите што ги видов нема европска вредност. Ова нема врска ниту со европскиот фронт ниту со уставните измени, туку едноставно да се замолчи поинаквиот глас. Ако извршната власт повторно ја изгласаат 64 пратеници, тогаш повторно господинот Ахмети е во минус, ДУИ е во минус“, оцени Меџити.

Не е извесна ни поддршката од пратеникот илидер на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, а одлуката ќе се знае попладне, по седниците на Централниот совет и на Претседателството на партијата. ДС деновиве потсети на 7 приоритети, за кои имале усогласени ставови со СДСМ, но за нивната реализација досега ништо не било направено. Трајанов побара од премиерот партиите да бидат информирани за програмските барања на Алијанса за Албанците, потенцирајќи дека ДС не е подготвен да поддржи нов партнер во Владата, доколку тој се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија, алудирајќи на една од последните изјави на Таравари.

„Брутално, неетички, неевропски…“

По ваквите турбуленции во досегашниот атар на мнозинството, се проценува дека Владата би останала или со иста поддршка како и претходно или со минимално зголемена од 1 до 3 пратеници. За второто, проценките се темелат на шпекулации од политичките кулоари, дека „може да има и пресврт кај некој од оние кои најавиле дека ќе гласаат против“. Но, има и шпекулации во обратна насока, за пратеници кои власта ги смета за сигурни поддржувачи, што крајниот скор го прави неизвесен.

Од ВМРО-ДПМНЕ предлог листата за нови министри и заменици во владата ја нарекоа „Пазар 3“ и чин кој нема да донесе никаков квалитет, туку ќе служи само за задржување на тенкото мнозинство.

Деновиве во јавноста ретроспективно се врти и една изјава на Травари од 2021 година, кога тој жалеше што тогаш опозициската Алтернатива решила да влезе во власта.

„Жал ми е. Имавме супер соработка со Алтернатива. Ако ме прашате дали ми е тешко што не сме веќе заедно, ќе кажам ’да‘, тешко ми е. И жал ми е што е така. Ќе беше подобро да бевме заедно, да имавме 12 пратеници и заедно да се бориме да ги симнеме ДУИ од Владата. Но тоа е одлука на Алтернатива. Нека продолжат така. Нека им е со среќа“, изјави Травари во декември 2021 година.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши Северна Македонија
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши: Начинот на кој се зголемува мнозинството е непромислен и ризичен потег за евроинтеграциитеФотографија: Petr Stojanovski /DW

Сега ситуацијата е обратна. Алијанса го зазеде местото на Алтернатива, партија што беше клучна Владата да опстои во 2021 година. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера изјави дека нивниот договор „еднострано и брутално“ бил раскинат од страна на СДСМ, потег кој го нарече неетички и неевропски. Според Гаши, начинот на кој се зголемува мнозинството е непромислен и ризичен потег за евроинтеграциите.

„Се плашам дека со ова што го прави СДСМ се загрозени европските перспективи и со ваквите потези ќе се произведе и дисбаланс во меѓуетничките односи. Така ќе растат и некои радикални партии кои се против европските интеграции“, предупреди Гаши.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, односот на власта кон Алтернатива го оцени како неморален.

„Тоа само говори колкав е моралниот и човечкиот капацитет на овие луѓе. Ќе потсетам дека по ноемвриските настани во 2021 година, Африм Гаши и Алтернатива беа тие кои ја спасија владата на ДУИ, поддржана од СДС. Сега Ковачевски и Артан Груби одлучија буквално со клоци да ги исфрлат луѓето од Алтернатива, кои го продолжија овој криминално политички морал на Владата на ДУИ поддржан од СДСМ“, рече Мицкоски.

Ковачевски оптимист

Иако Владата се соочува со оценки дека си направила „мечкина услуга“, бидејќи во обид да го зголеми мнозинството произвела повеќе нездоволство отколку обединувачки ефект, премиерот Ковачевски очекува сѐ да помине добро.

„Очекувам во Собранието владиното мнозинство да биде зголемено со партијата Алијанса за Албанците, очекувам да имаме конструктивна расправа во Собранието, предлогот да биде усвоен од страна на мнозинството, и Владата да продолжи на остварувањето на програмата којашто ја има зацртано до редовните избори во 2024 година“, рече Ковачевски.

Тој минатиот петок до Собранието достави предлог за разрешување на тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, и на министерот без ресор задолжен за дијаспората, Џемаил Чупи. За нови министри се предложени: за правда Кренар Лога, за здравство Фатмир Меџити, за информатичко општество и администрација Азир Алиу и за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Треба да бидат разрешени и актуелните заменик-министри од ресорите одбрана, земјоделство и образование и избрани нови, а нови заменици министри треба да бидат назначени и во ресорите правда и здравство.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close