Како не призна Кина

Денко Малески

Ми требаше тој еден месец од летото 1993, да донесам одлука дали да ја прифатам понудата на мојот наследник на местото министер за надворешни работи Стево Црвенковски, да станам првиот претставник на Македонија во ОН. Кога се согласив, една од моите први задачи беше меѓународното признавање од другите членки на ОН. Оние кои имаа сојузнички врски со Грција или врз кои таа можеше да влијаее, ставаа свој потпис под решението на Советот за безбедност,„поранешна југословенска Република Македонија“, а ние нашиот под уставното име Република Македонија. Потоа, документот, заедничкото коминике, беше разменуван.

За мнозинството кои не беа под влијание на Грција ставаме потпис под заедничкото коминике на кое двете страни ставаа потпис под нашето уставно име.

На мојата прва средба со новиот кинески амбасадор тој инсистираше да се држиме на одлуката на Советот за безбедност и заедничкото коминике да го потпишеме со реферанцата под која бевме примени во светската организација. Му објансив, во услови кога сме се пријавиле во ОН под уставното име на државата, дека нашите политичари и нашите дипломатски претсавници не ставаат потпис под привременото решение и му ги понудив двете опции кои беа отворени за сите држави. Нагласив дека, ако Кина не е спремна да го потпише заедничкиот документ за признавање, може да ја користи втората опција, размена на документи. Долго дискутиравме на темата. Јас секогаш се обидував да му ја објаснам нашата позиција и правото на народите на свое име при залченувањето во ОН, а тој ме потседуваше на обврската на Кина, како постојана членка на Советот за безбедност, да се придржува на одлуките на телото на кое што и припаѓа. Средбите се повторија повеќе пати и секогаш со исто инсистирање од кинеска страна – да се придржуваме на референцата со која ни се обраќаат во ОН. На последната од серија среддби, амбасадорот Ли Жаосинг, кој секогаш доаѓаше на состаноците со еден соработник е една соработничка која водеше записник, се обиде уште еднаш со формулата за приемот на Македонија во ОН, за која и Кина гласала во Советот за безбедност. Откога виде дека е залудно, и откога за нашиот став претходно го известил Пекинг и добил инструкции, со широка насмевка на лицето ми пружи рака и ме покани, наредниот ден, во мисијата на Кина, на свченост на која ќе ставиме потпис врз документот за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Кина. Го прашав што беше одлучувачко за ваквата одлука на Пекинг. Дипломатската традиција, ми рече. Ми објасни дека таа налага заеднички потпис на заедничко коминике и дека таа традиција не познава размена на документи на кои стојат различни имиња. И потписите да се стават на свечна церемонија. Ме праша реторичи:„Зошто, на сите наши средби доаѓавте сам?“. Премолчав и го сврев разговорот на шега.

Но, еве го мојот одговор на прашњето на амбасадорот на Кина, 35 години подоцна. Среќен заради завршената работа, но секогаш скептичен дека со бројот на воспоставуваени дипломатски односи со уставното име, ќе го решиме и проблемот со Грција, му се јавив на претседателот Киро Глигоров во Скопје. Беше запрепастен и пријатнп изненаден. Имено, ниту тој ниту МНР, ниту двајцата дипломати во мисијата, не беа информирани за мојата солистичка дипломатска акција во Њујорк. Никого не информирав во Скопје од страв од „провала“.Во тие години ние немавме никакви шифрирани пораки, ниту шифранти, какви што секогаш имаше во југословенските амбасади со кои раководеше мојот татко, на пример. Некакви кодирани апарати од типот „Моторола“, донација од Америка, инсталирани во мисијата на ОН (три соби во повеќекатница веднаш до зградата на ОН) и во претседателската канцеларија, никогаш не беа ставени во употреба. Зошто? Од немукает. Значи, сите, вклучувајќи ги и Грците можеа да ги следат нашите тефонски комуникации и да превземат дипломатски чекори да ја расипат работата. Тоа беше „непријателот од надвор“. А, „непријателот од внатре“? Вториот извор на мојата сомничавост и недоверба беше еден настан во македонската мисија што по малку наликува на „шпијунската афрета“ во канцеларијата на претседателката Силјановска-Давкова деновиве. Имено, депеша до МНР од средба со еден амбасадор во ОН која ја пишував и за момент ја оставив на масата од канцеларијата, ми згледаше некако чудно кога се вратив и седнав да ја довршам. Погледот врз пресечената реченица на крајот од страницата, ми покажа дека се работи за фотокопија која во брзањето некој ја оставил наместо оригиналот. Во мисијата тогаш работевме само јас и ушете двајца дипломати од МНР. Кога, летото во Скопје, настојував да се утврди идентитетот на лицето од отисоците на листот хартија, ми беше порачано до МВР дека тоа не било возможно, освен на масна хартија.

Епилог. Единаесет години по потпишувањето на заедничкото коминике за воспоставување на дипломатски односи меѓу Кина и Македонија, веќе назад на професорската работа, значи во 2004, ја следам на ТВ изјавата на министерот за надворешни работи на Кина Ли Жаосинг, кој по пристигањето во Скопје ќе изјави дека секогаш сакал да ја посети државата со која, како поранешен кинески претставник во ОН, со колегата од Македонија, го потпишале заедничкото коминике за воспоставување дипломатски односи во Њујорк во 1993.Претпоставувам дека ќе беше среќен и да ме види на некој свечен ручек или вечера. Но, Кинескиот министер замина и не се виде со македонскиот колега од ОН. Случајна грешка, фалела една столица? Не, истото се случи и кога, подоцна, мојот колега од ОН Сергеј Лавров, со кого седевме во групата на Источна Европа, дојде во Скопје како министер за надворешни работи на Русија. Недостиг на институционална меморија и партиски пресметки, би рекол некој. Не, тоа е нашиот ориентален менталитет, однесување спротивно на цивилизираните луѓе. Имено, и во двата случаи, СДСМ беше на власт.

Back to top button
Close