Кејн останува капитен на Англија
Новиот селектор на англиската репрезентација Томас Тухел најави дека напаѓачот Хари Кејн ќе остане капитен на тимот.
Тухел ќе ја преземе својата нова улога од 1 јануари оваа година, а неговата прва задача е да се квалификува Англија за завршницата на Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и Канада. Англичаните вчера ги дознаа противниците во квалификациите. Во групата „К“ се заедно со Србија, Албанија, Летонија и Андора.
-Во моментов нема причина да размислувам за промена на капитенската лента. Хари отсекогаш бил одличен избор за капитен на Англија. Не знам ни зошто некој од вас го помислил тоа како можност? изјави ГЕрманецот пред собраните новинари.
Тухел и Кејн работеа заедно во Баерн Минхен во сезоната 2023/24 пред тренерот да биде ослободен од должноста и да биде заменет со Белгиецот, Винсент Компани.
-Нека дојде 1 јануари и ќе се зафатиме со работа. Ќе бидам во контакт со сите играчи кога ќе пристигнам во базата на „Сент Џорџ“. Ќе се обидам да ги одберам најдобрите играчи за претстојните натпревари, додаде 51-годишниот Германец.
Тухел посочи дека ќе разговара и со дефанзивецот на Арсенал, Бен Вајт. Тој изненадувачки се повлече од тимот на Англија за Светското првенство во 2022 година, наведувајќи лични причини. Според печатот на Островот, тој имал проблем со еден од помошниците на поранешниот менаџер, Герет Саутгејт, што доведе до тоа да биде надвор од националниот тим повеќе од две години.