Кој кого овде зезна?

Историската шизма меѓу Македонија и Бугарија може сликовито да ја претставиме како еден огромен базен полн со фекалии, на чиј раб наивно стојат Ковачевски од едната страна, и Петков од другата. Пишува Петар Арсовски, пренеува Дојче веле.

Не знам дали идејата за посетата на Петков доаѓа од неговиот кабинет, од наша страна, или од некој друг центар на „идеи“, но како и да е, неговата посета на Битола при отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ е грешка.  Последиците од таа грешна проценка, секако ќе го направат решавањето на проблемот со Бугарија потешко, а постои ризик да го направат невозможно во јуни.  По старото правило дека кој стои зад некоја акција, најлесно се познава по тоа кој од резултатот има најмногу да добие, овде се поставува прашањето дали двете страни, и македонската и бугарската, се, во основа, зезнати од некој трет?

Најнапред, иако знам дека деновиве тоа не е популарно мислење, јас мислам дека ние не требаше да забрануваме или да контролираме, на било кој начин, отворање на таков културен центар, иако името и личноста-патрон се контроверзни, иако наративот е проблематичен, а постоењето на таков центар е за најголем дел од јавноста е секако неприфатливо. Така изгледа демократијата кога е тешка: да се бориме за правото, некој друг, чии тези и позиции прават крвта да ни врие, да имаат право да ги застапуваат најгласно што можат, иако ние би го поминале својот живот борејќи се против истите најгласно што можеме.  Отворањето на тој центар, е, сепак, нивна забава, а не наша, и контекстот во кој се отвора зборува за нивниот национален наратив, а не за нашиот.  За нас зборува само нашето сопствено однесување, односно колку ќе бидеме возрасни во односот кон тој проблематичен центар.  Во таа смисла, Македонија има повеќе искуство одошто другите земји соседи, зашто ние на потешкиот начин научивме да живееме со конфликтни наративи, уште од 2001.  Со други зборови, ако сме созреале доволно за наративот за ослободителната улога на УЧК во конфликтот, кој дел од нашите албански сограѓани го сметаат за целосно легитимен, да не ни пречи, тогаш треба и за другите слични тези да развиеме здрава доза на толеранција.

Македонскиот и бугарскиот премиер, Димитар Ковачевски и Кирил ПетковМакедонскиот и бугарскиот премиер, Димитар Ковачевски и Кирил Петков

Проблемот, се разбира, е во фактот што таквиот потег доаѓа во време на разгорени страсти, сред тешки и неизвесни преговори за проблемот со Бугарија, и, најважното, во контекст на целосен недостаток од реципроцитетен демократски капацитет од другата страна.  Лицемерно е, најблаго речено, да тврдиш дека таквите малцински права се придобивка кога се остваруваат во Македонија, а иредентизам кога би се практикувале во Бугарија.  Сепак, тоа е (недостатокот на почитување на малцинските права), на крајот, проблем на нашиот сосед, и не треба да стане наш.  Тоа е можеби една од малкуте светли точки (за лошите последици подолу) во целиот овој циркус—фактот што ваквото однесување, а особено изборот на личноста за патрон на центарот во Битола—дополнително ќе ја електризираат меѓународната заедница околу недоличното однесување на Бугарија во целиот овој процес, и може да го зголемат притисокот за принципиелно решавање на спорот во брзо време.  Сепак, таа придобивка е минорна во целиот амбиент, несигурна во своите ефекти, и секако, на кантарот, премалку за да ги оправда негативните последици од овој потег.

Кога зборуваме за негативните ефекти, првиот, и според мене најпроблематичен, е присуството на Петков на настанот.  За мене, а имам впечаток дека и за македонската јавност, помалку навредливо ќе беше настанот да се отвори само со присуство на Каракачанов и Јотова.  За нив, и воопшто, за целата линија во Бугарија која е против решение, ниту ние, ниту меѓународната јавност, ниту пак, прогресивните сили во Бугарија, секако немаат многу надежи.  Токму ваков потег, провокативен и навредлив, е нешто што е целосно во нивниот карактер, и би било очекувано без посериозни изненадувања во јавноста.  Но кога ќе го видам Петков во таа група, онака модерен, европски, прогресивен, по малку изгубен во целиот наратив за историската шизма, би рекле „паднат од небо“ помеѓу запенавените националисти, си велам „што, по ѓаволите, го натера да влезе во оваа стапица“. Зашто историската шизма помеѓу Македонија и Бугарија можеме сликовито да ја претставиме како еден огромен базен полн со фекалии, на чиј раб наивно стојат Ковачевски од едната страна, и Петков од другата.  Ако влезат во базенот, колку и да се чисти на почетокот, и колку добро и да пливаат, од другата страна ќе излезат избербатени.  Единствен начин да се премости тој куп фекалии е брзо, без пропаѓање, како гуштерот геко, да претрчаат од едната кон другата страна.  Секое застанување и потонување, ќе значи … веќе знаете што.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Затоа, за мене е грешка, и на Петков, но и наша, што дозволуваме единствените прогресивни сили во Бугарија да бидат вплеткани во овој проблематичен аргумент без крај.  Тоа, и покрај надежите дека може да му ја олесни позицијата на Петков дома, може да се покаже фатално, бидејќи во основа, ваквиот потег, само им дава сила на оние струи во Бугарија кои сметаат дека за решение не треба да се брза, односно на оние кои не сакаат разумен компромис. Ваквото мешање во тој наратив, им ги разгорува амбициите на националистите од двете страни, го влошува дискурсот, па со самото тоа, го одложува решението.  Зашто, во истиот момент кога едната страна, во случајов бугарската, ќе помисли дека има уште простор за „придобивки“, таквото сознание ќе ги направи помалку податливи за решение, сметајќи дека со одолговлекување можат да добијат уште концесии од процесот.  Истото се покажа точно со Преспанската спогодба – се додека ние упорно попуштавме, тие упорно притискаа.  Дури соочени со „земи или остави“, двете страни сериозно се посветија на решение кое би било вин-вин.  На крајот, замислете си во сред преговорите за Преспа, дали е помогнеше Ципрас да дојдеше со „Златна зора” да отвора нивен културен центар во Гевгелија.

Затоа треба, според мене, треба да престанеме да бидеме навредени, да се подготвиме за последиците од овој маневар, кој не сум сигурен дека е автохтон, и да се посветиме на стратегија околу тоа што би правеле ако рокот за решение не е јуни, туку подоцна.  Тоа ќе биде важно не само за нашата ментална хигиена, туку, по се изгледа, и за стабилноста на политичкиот дискурс од двете страни на границата.

 

Back to top button
Close