Кои сте бре вие политичари, питачи и коленичари

Почитувани читатели, денешната колумна вообичаено посветена на Еуростандард банка, ќе ја адресирам до политичкиот естаблишмент на државата кој владее без усул.

Еуростандард банка е една од многуте жртви на криминалот и коруптивниот приод во разбирањето и практикувањето на нашата реалност.

Да се сотре и уништи, да се присвои туѓо се синоними на владеењето во Македонија.

Кои сте бре вие? Се идентификувате како политичари, а воопшто не сте свесни што значи функцијата политичар и колку е голема одговорноста на таква функција.

Жално е што во Македонија политиката е политиканство и се поистоветува со систем на брзо и нечесно богатење на сметка на сопствениот народ.

Кои сте бре вие политичари, како Груевски, Заев, Ковачевски, и вам слични луѓе, чија суета и неетичност ви се најсилните атрибути во вашето политичко поимање? Не умеете да си ги заштитите сопствените деца во стопанството, уметноста, културата, спортот и сите битни општествено -културни области. Не сотревте до непрепознатливост. Воведовте систем каде што грабежот се идентификува како успех. Го черечите сопствениот народ. Нѐ отрувте со омраза која владее меѓу верски, етнички и внатре-етничка поделби. Станавте најголеми питачи и коленичари пред земјите кои имаат географско влијание врз нашиот регион и земја, а тоа се САД и ЕУ. Вашето коленичење и питачење станаа професии кои ги применувате во хиерархиската подреденост за да ползите кон врвот. Ќе останете исти питачи и коленичари, врвот одамна е резервиран. Патем други силни земји во светот се над вас. Ги затворивте вратите на вашите политички партии за луѓе со интегритет, знаење и искуство. Дополнително носите закони со кои што вие, политичките партии и нивните лидери, сте неприкосновени владетели во државата. Независните кандидати кои не припаѓаат на вашите партии, стануваат мисловна именка да се појават во било кои следни парламентарни, претседателски и локални избори. Ќе прифатам сѐ и да владеете, доколку навистина ќе допринесете во развојот на нашето севкупно живеење почнувајќи од стопанството, културата, уметноста, музиката, спортот и севкупниот висок животен стандард на граѓаните.

Кои сте бре вие политичари, кои со лажни ветувања добивате власт? Им се обраќате на обичните граѓани дента кога треба да ве гласаат и ве снемува. Пред и потоа гласачите за вас се само бројка за која важи паролата ,,снајди се како можеш за да преживееш”. Да, голем процент на луѓе едвај преживуваат. Сѐ поголема сиромаштија. Но едно е сиромав, друго е бедник сиромашен во душа. Не можам да го разберам поривот да се питачи и коленичи пред амбасадите на САД и ЕУ. Секоја нивна критика на наша сметка сериозно е сфатена, додека крикот на граѓаните не го разбирате.

Деновиве бев поканет од страна на Италијанската Амбасада на настан кој се одржа во Министерството за надворешни работи на Македонија, а темата беше издавање на печатена книга за 30 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Република Италија. Книгата е значајна историја за двете држави.

На самата промоција земаа учество Министерот за надворешни работи господинот Османи, членот во парламентот господинот Милошоски, Амбасадорот на република Италија господинот Силвестри и Амбасадорот Габер. Пригодните зборови на сите господа учесници беа убави. Сепак, суштината е многу побитна. Иницијативата за издавањето на оваа книга беше Република Италија.

Република Италија која блиску 200 години има своја независност и дипломатија, направи прекрасен чин со одбележувањето на овој јубилеј, посебно за нас како држава.

Финансирањето на овој проект е од страна на Италијанската влада. Отворено прашувам, кои сте бре вие политичари кои ветувате дека ќе нѐ внесете во друштвото на ЕУ без да знаете како да го изодите тој пат. Наместо Италија, нашто министерство и Влада требаше да преземе чекори за испишување на историја за дипломатските односи не само со Италија, туку и со останатите држави во светот. Безидејноста во вашите глави за доброто на државата е повеќе од евидентна. Не случајно стоиме пред портите на ЕУ веќе четири децении.

Питачењето и коленичењето е синоним кој што Европа не го сака, а вие тоа упоро го правите. САД и ЕУ бараат вистински партнери, а не питачи и коленичари. Наједноставно, во моите очи и во очите на многу слични на мене сограѓани, изгледате смешно и поразително.

Со вашиот начин на водење политика ни го уништувате достоинството, културата и наследството. Им давате димензија на ништожност.

Со внимание ја следев конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, каде се промовираа 1198 проекти во мандатот, кога би го добиле после парламентарните избори во мај. Напишаните проекти прекрасно изгледаат. Јас сите тие проекти би ги сместил во еден базичен проект наречен „Ресетирање на Македонската држава во сите сфери на нејзиното функционирање”. За ваков проект потребен е силен тим на стручни и искусни луѓе, кои за жал не ги гледам.

Сакам да верувам дека ќе се појават витези кои ќе ја ресетираат нашата Македонија. Сакам да верувам во подобро утре, но животот ме научил да бидам претпазлив и реален.

Сѐ додека најблиските соработници на така-наречените лидери на партиите бидат носители на функции во системот, без адекватно знаење и искуство и не по заслуга и лојалност, ќе бидеме сведоци на натамошно пропаѓање на нашата држава.

Работоспособната и репродуктивна популација и натаму ќе си заминува, а ние кои ќе останеме ќе го молиме Господ да ни помогне.

 

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close