Конгресмен од Демократската партија поднесе резолуција за импичмент на Трамп

 Демократскиот конгресмен Шри Танедар од Мичиген изјави дека поднел резолуција за импичмент на претседателот Доналд Трамп, а врз основа на седум точки, меѓу кои се „тиранско надминување на овластувањата“, корупција и попречување на правдата.

Ова е прв обид годинава на демократски пратеник од Претставничкиот дом да покрене импичмент против претседателот на САД или член на неговата администрација, пренесе денеска порталот Аксиос. Сепак, според оценките, резолуцијата нема големи шанси за успех бидејќи Конгресот е под контрола на републиканците.

– Поднесов резолуција за импичмент на Трамп која содржи седум точки, изјави Танедар во видео објавено синоќа на социјалната мрежа „Икс“. Меѓу обвиненијата се и меѓународна агресија и создавање на нелегитимни институции, како што е новоформираниот Департмент за владина ефикасност (ДОГЕ), предводен од бизнисменот Илон Маск.

Во интервју за магазинот Тајм објавено минатата недела, Трамп изјави дека не настојува да ги прошири овластувањата на претседателската функција, и дека се е во рамките на Уставот. Според него, во првите 100 дена од новиот мандат постигнати се значајни резултати, особено во областа на надворешната трговија.

Back to top button
Close