Лидл“ бара локации во скопска Кисела Вода

Скопската Општина Кисела Вода информира дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера  остварил средба со претставниците на „Лидл“, кои биле заинтересирани за достапни локации каде би можеле да се отворат маркети и регионален дистрибутивен центар.

– Денес имавме прилично конструктивна средба со претставниците на „Лидл“ од претставништвата во Бугарија и Македонија, кои пројавија интерес за инвестирање во општина Кисела Вода. Подискутиравме околу достапните локации на кои би можеле да се отворат маркети, но и регионален дистрибутивен центар на германскиот гигант, кој е присутен секаде во нашето соседство, освен во Македонија. На овој работен состанок им ги презентиравме погодностите што Општина Кисела Вода ги нуди, како средина што има добра местоположба и развој што одговара на потребите на оваа компанија. Задоволен сум што потенцијалните инвеститори ја препознале новата енергија со која функционира оваа локална самоуправа и ги согледале актуелните перспективи, инвестициските можности и новите проекти, кои ги спроведуваме во различни области со цел унапредување на општината – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој рече дека инвестицијата би вредела неколку милиони евра и би значела вработување на огромен број луѓе.

– Вреди да се спомене и фактот дека вработените би имале плати што се околу или над просечните во Македонија – рече Ѓорѓиевски

 

 

Back to top button
Close