Macedonian Open: Ивановски денеска против Украинецот Орлов за шеста турнирска победа во кариерата


Од овогодишното издание на Macedonian Open 2026 остана да се одигра уште финалниот дуел во кој македонскиот тенисер Калин Ивановски ќе се соочи со искусниот Владислав Орлов од Украина.

За Ивановски ова е вкупно 11. финале во кариерата, а оваа година има извонреден ефект и 12 победи на 13 натпревари, претрпувајќи пораз единствено во финалето на турнирот во Загреб минатата недела.

Ивановски има и пет турнирски победи, од кои последната во јули 2023 во австриски Крамсах, но повредите од крајот на истата година имаа големо влијание на неговите настапи.

Македонскиот тенисер годинава го игра второто финале, по Загреб, а имаше и исклучителен настап на мечевите од Дејвис купот на почетокот на месев јуни, каде оствари четири победи на четири меча.

Противник на Ивановски во денешното финале ќе му биде искусниот 31-годишен Орлов, кој има освоено 10 турнири, сите од рангот на ИТФ М25 и М15), а финалето во Скопје му е најдобар резултат годинава.

Финалето се игра со почеток во 11:30 часот на Централниот терен на ТК „Југ“ а влезот е слободен.

Back to top button
Close