Македонија мост меѓу Бугарија и другите југословенски народи

 

Умна политика би работела Македонија да стане мост помеѓу Бугарија и другите југословенски народи. Би ја туркала историјата напред кон европски Балкан а не кон Балканот на минатото во кое ривалски сили се борат за влијание вра нашата земја. Имаме потенцијал за тоа зашто не е се „длабока држава“ во Македонија, како што мислат некои кај нашиот источен сосед. Постојат автентични чувства на почит и симпатии меѓу нас и народите со кои сме живееле седумдесет години. Имаме и традиција од времето на насилното растурање на Југославија, кога на таа политика се спротиставиме со политика на демократско преуредување на односите меѓу народите. Првиот претседател Киро Глигоров и претседателот на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, во едни опасни времиња, имаа визија за мирна трансформација на земјата во конфедративна асоцијација на суверени држави. За жал, тоа беше предоцна и премалку за да се спаси мирот: национализмите ја турнаа Југославија во братоубиствена војна. Нашата политика на мирољубиво самоопределување, пак, ги поштеди народите на Македонија од страотиите на војната. И кога сите национализми се обвинуваа меѓу себе и ја обвинуваа федерацијата дека било загуба да се биде во една зедничка држава,  македонската политика ги истакнуваше придобивките од заедничкиот живот. Не ги измислуваше туку ја кажуваше вистината. Странците кои ни доагаа во посета беа изненадени дека не ја повторувавме мантрата на назабените националисти од Србија или Хрватска дека сме спремни да умреме за својата земја туку дека сакаме да живееме за Македонија. Во денешна Европа тоа им се чинеше правиот избор. Македонската надворешна политика ги истакнуваше придобивките од заедничкиот живот во сите контакти низ светот кој за прва пат ги запознаваше народите кои ја сочинуваа федерацијата како  и  нивната желба за независност. Иако бевме противници на политиката на српскиот претседател Слободан Милошевиќ, кој  ја сноси главната вина за војните во Југославија, од официјалните претставници на нашата држава, не беше изговорен ниту еден лош збор за Србите а уште помалку за другите народи. Напротив. Затоа, на Конференцијата за Југославија и подоцна во ОН бевме единствената држава од бившите републики која зборуваше со сите останати. Секогаш ја истакнувавме поддршаката која ја имаше нашата млада нација и држава во заедништвото со другите југословенски народи. Особено со српскиот чии комунисти се откажаа од историјата и од освоената територија во прилог на иднината на младата македонска нација. Таквата политика не беше популарна меѓу македонските националисти а нејзините носители беа постојано на удар. Остроумен како што беше, Претседателот Глигоров никогаш не заигра на националистичката карта. И во неговиот случај може да се каже дека премногу ја сакаше Македонија за да биде националист.

Отворањето кон Бугарија не соочува со нови предизвици но целта е иста: како да станеме вистински пријатели. Основната дилема, напишав пред две децении, ќе биде дали Бугарија ќе прифати, со нас Македонците заедно,  да го врти тркалото на историјата напред или, против нашата воља, ќе се обиде да го сврти назад. Либералните сили во Бугарија се за првото и ја признаваат нашата национална посебност, нашиот македонски идентитет и јазик. Националистите, пак, сакаат да го свртат тркалото назад. За нас тоа би значело од готово да направиме (национална) вересија. Примерот со руската агресија врз Украина се наметнува самиот од себе: националистичките соништа на политичарите се претвораат во кошмари за народите. Затоа и Бугарија треба да се спротистави на таквите соништа и да не убеди дека не е закана за нашиот идентитет и нашата посебност. Тоа е основното. Дури потоа, откога ќе ја обезбедиме сегашноста и иднината на својот народ и својата држава, спокојно ќе погледнеме кон заедничкото минато. Зошто? Оти е тоа и наше македонско минато, а не само нивно. Во меѓувреме, треба да ги афирмираме принципите од почетоците на независноста. Уште тогаш разбравме дека е лесно е да си полемичен а тешко е да си конструктивен и, повторно, да го одбереме потешкиот пат. Националистите од двете страни на границата ќе се обидат да рушат, ние ќе се обидеме да градиме уште едно ново пријателство преку взаемна почит со бугарскиот народ. И повеќе од тоа: Македонија може да стане мост меѓу Бугарија и другите  југословенски народи.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close