Малолетници нападнати од нивни врсници со остри и тврди предмети во Чаир и во Аеродром
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите

За едно деноноќие во Скопје полицијата регистрирала три инциденти во кои биле употребени остри и тврди предмети, а во најголем дел од нив вклучени се малолетници.
Во СВР Скопје вчера е пријавен случај на разбојништво и изнуда кој се случил на 7 мај во населбата Чаир. Според пријавата на нејзиниот татко, неколку малолетници со закана со остар предмет одзеле пари од неговата 16-годишна ќерка. Насилниците не запреле тука, туку продолжиле со закани дека девојчето ќе мора да им дава пари и во наредните денови.
Инцидент, како што е наведено во дневниот билтен од Министерството за внатрешни работи (МВР), е регистриран и во трговски центар во Општина Аеродром. На 16 мај, околу 22:30 часот, 16-годишен малолетник бил физички нападнат од свој врсник кој употребил тврд предмет.
Во обид да го заштити момчето, интервенирал 25-годишниот М. Д., кој исто така бил нападнат од насилниот малолетник.
Случајот во полиција го пријавиле и мајката на малолетникот и нападнатиот М. Д. За ова, велат од МВР, известен е јавен обвинител за малолетници.
Вчера, околу три часот, пред дискотека на подрачјето на Општина Карпош, физички била нападната 18-годишната Т. Р. Напаѓачот употребил остар предмет, со кој ѝ нанел повреда на девојката.
Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.






