Миленкоски: Со трите победи ја исполнивме целта

Селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски изрази задоволство од постигнатите резултати во првиот дел од циклусот квалификации за Европското првенство 2028, и трите победи во воведните шест натпревари во Европската лига.
Македонските одбојкари извојуваа победи против Ирска, Луксембург и Косово, а загубија од Холандија, Грција и Израел, и со девет бодови останува во игра за пласман на уште едно континентално натпреварување.
„Најважното од сè за Македонија е дека имаме активен резултат со кој остануваме во трката за пласман на следното Европско првенство! Целта е постигната, планираното е остварено – три победи и девет бодови. Сакам да истакнам дека поразите се од три репрезентации кои се најдобрите во Лигата. Холандија лига рундата ја заврши без загубен сет, а во полуфиналето ќе игра и Израел, додека Грција заврши како петта, на чекор зад нив. Тоа само уште еднаш го потврдува квалитетот на противниците со кои се соочуваме.“, изјави Миленкоски.
Во овој циклус селекторот Миленкоски направи и посериозно освежување во националниот тим давајќи шанса на помлади играчи, како во подготвителниот процес, така и во настапот во Европската лига.
„Свесни за сериозноста на натпреварувањето нашата репрезентација ги почна подготовките порано од предвиденото, на 6 мај со играчите кои порано ги завршија своите клупски обврски, а останатите се приклучија една недела подоцна. Одработени се 45 дена, 55 тренинзи, одиграни осум натпревари (два контролни и шест официјални). Обемните подготовки ни овозможија вклучување на поголем број млади, перспективни одбојкари. Дури десет дебитанти учествуваа во тренажниот процес на А селекцијата и на сите нив треба да се смета и во следните циклуси. Четворица од нив беа и во потесниот избор и дел од самите натпревари, а тоа особено треба да нè радува. Ако ги сметаме и оние кои се вклучени минатата година можеме да кажеме дека ростерот на репрезентацијата е видно изменет. Сепак, товарот повторно го понесоа најискусните и најдобрите кои помогнаа да се постигне овој задоволителен резултат, кој верувам дека ќе беше и подобар доколку настапивме комплетни на сите натпревари“, посочи Миленкоски.
Македонските одбојкари повторно ќе се соберат на 5 август за кога во Крушево е предвиден почетокот на подготовките за учеството на Европското првенство во септември во Софија, кое за Македонија е четврто во низа.
„Одбојкарите добија заслужен одмор. Новата прозивка е предвидена на почетокот на август и се надевам дека периодов ќе биде сè во најдобар ред, дека сите ќе се рехабилитираат убаво и дека здрави и комплетни ќе тргнеме во подготовките за она што е најважно годинава – настапот во Европското првенство“, додаде Миленкоски.






