Мојот другар Тике  

Денеска ќе пишувам за мојот другар Тихомир Милевски со прекарот Тике. Човек скромен, мудар, праведен, со нескриена желба да помогне во било каква ситуација. Сметам дека Тике е единствен човек кому ништо не му беше тешко да сработи, ако беше потребно. Секоја обврска ја прифаќаше како закон. Роден Ѓорчепетровец, фудбалер на Клубот ,,Југококта”, а потоа и препознатлив лик во клубот ,,Македонија-Ѓорче Петров”. Кафеаната, смислата за хумор и неговото специфично пеење, беа дел од нашето дружење кое започна во раните 90-ти години од минатиот век и траеше сѐ до неговото заминување од овој свет.

Со Тике другарувањето започна кога презедов женскиот ракометен клуб ,,Ѓорче Петров” да го финансирам и станав негов спонзор. Како член на управата и навивач на клубот кој потекнува од Ѓорче Петров, беше многу природно и неизбежно сите премрежија да ги поминуваме заедно со клубот во спортските сали во Скопје, на Кале и низ цела Европа.

Беше вљубеник во ,,Кометал-Ѓорче Петров”! Тике фудбалот го практикуваше како спорт број еден во неговиот живот, но вистинска спортска љубов му беше токму женскиот ракометен клуб ,,Кометал-Ѓорче Петров”. Со еден збор, Тике сакаше сѐ што беше поврзано со Ѓорче Петров.

Тике освен спортска имаше и боемска душа. Неговиот специфичен хумор беше уникатен. Неговиот начин на пеење уште поспецифичен, а неговото однесување во кафеана, пример за сите. Создаваше невидена атмосфера на позитивна енергија по второто полувреме, а тоа значи после фудбалот или тенисот, продолжувавме во кафеана со жива музика.

Ќе се обидам да го доловам неговиот специфичен хумор. Имено, меѓу нас другарите шахот беше императив. Особено игравме шах за време на заедничките годишни одмори, дочеци на нови години или кога имавме време за рекреативни спортски активности ли друштвени игри (фудбал, тенис, карти-реми-бриџ и шах). Тике сакаше да игра реми-бриџ, вообичаено во четворка. Ние шахистите, седнати недалеку од масата каде се играа карти, бевме многу тивки, додека другарите кои играа карти бучно разговараа и се шегуваа меѓу себе. Одеднаш ќе одекнеше гласот на Тике, обраќајќи ни се шеретски и во иронија: „Еј вие шахисти, малку потивко„. Меѓу нас шахистите имаше и другари кои не ,,капираа” од прва и ќе изреагираа со негодување: ,, Па ние шахистите сме тивки”. И така, кога сите ќе ја разбереме шегата на Тике следуваше групно смеење. Тике исто така милуваше, дур игравме шах јас и мојот другар Томе, да ни пријде, да ја погледне партијата и честопати дигнатата рака со два прста на Томе, со која имаше намера да повлече потег, а му мируваше повеќе од минута, вешто ќе му ја фатеше.

имитирајќи поздрав. Ова се моменти кои вечно ќе останат во нашата меморија за него. Тике и Шики беа тандем во играњето реми-бриџ. Шики беше неколку години повозрасен од Тике, ама комуникацијата меѓу нив се одвиваше на невообичаен начин. Тике го викаше Шики „сине”, а Шики го викаше Тики „тате”. Во една прилика играјќи карти со Шики и Тике во мојот дом, се појави мојот помал син Филип кој изненаден од нивната меѓусебна комуникација на самоименувани татко и син, изненадено го праша Тике: „вистина Шики ти е син”? Тике со мангупски хумор почна да му раскажува: „Да, син ми е и има голема глава со која го испокрши бетонот на кој падна од 6 кат, кога беше мал. Морав да платам штета за смачканиот бетон, ама важно остана здрав и жив со голема глава”. Филип вчудоневиден и подзинат го слушаше ,,таткото” како раскажува за ,,синот” постар од таткото, но сепак беше многу мал и љубопитен. Набргу потоа го свати хуморот.

Кафаните и музиката ни беа последно место каде Тике можевме да го видиме во вистинско светло. Немаше настан да не се фати за микрофон и да не ја отпее омилената песна „Сите пеат, а јас тагувам” со прекрасна автентична интерпретација

 

Тике денес не е меѓу нас, меѓутоа кога имам можност да ја слушнам оваа песна, ќе си шепнам дека Тике ми ја пее неговата песна”.

Тике, сопруг на Персида-Пепи, татко на две прекрасни ќерки и дедо на убави внучиња беше семејно реализиран и сакан. Таткото на Пепи, неговиот дедо по жена, Војо беше возач во фирмата Технометал-Вардар и на нашите патувања секогаш разговаравме за нашите семејства.

Многу ми е мило, што денес Пепи на моменти мене ме вика „тате”, во спомен на моето познанство со нејзиниот татко.

Тике остана длабоко врежан во мојата душа. Минатите убави времиња денес се само спомени, но верувајте, понекогаш и спомените даваат димензија на животот кој го живеам.

Трифун Костовски

Back to top button
Close