МОН: Ако не ги поддржуваат промените, партиите да престанат да ја мешаат политиката во образованието

22 април 2021 

Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ од каде продолжуваат со изнесување на невистини поврзани со промените во образовниот систем кои многу одамна, вклучително и во времето кога оваа политичка партија раководеше со институциите на системот требаше да се случат. Но напротив, токму во тој период се случуваа експерименти со генерации на ученици, кои за волја на вистината остануваат со големи празнини во стекнатото знаење.

Во интерес на објективното информирање на јавноста, би сакале да потсетиме дека согласно транспарентноста на целиот процес на реформи и најавите, од следната учебна година се воведува комбиниран модел на примена на материјалите за учење, што подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници.

За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки.

Сепак, доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено од училиштето. Доколку пак, сакаат но немаат можност за користење на дигиталните учебници, училиштата ќе бидат должни да им дадат на времено користење ИТ уред, за што веќе се прават планови и подготовки секое училиште се опреми библиотека со соодветен број на таблет компјутери.

Министерството за образование и наука во ниту еден случај нема да дозволи било кој ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен. Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме.

Апелираме, наместо непотребно трошење време и ресурси за одржување прес конференции и изнесување лаги и манипулации, политичките партии или да престанат да ја мешаат политиката во образованието заради остварувње на дневно политички агенди и поени, или да дадат поддршка на промените кои ќе се случат и да учествуваат во нивната имплементација и постигнување на ефектите кои ќе значат фаќање чекор со современиот образовен свет.

Министерство за образование и наука

Back to top button
Close