Морална одговорност – што беше тоа
Почитувани читатели,
Изминатите колумни, кои беа објавувани секоја недела во период од три години, укажуваа повеќекратно на пропустите кои се направени од институциите, при носењето на Еуростандард банка во стечај.
Народна банка прескокна инструменти кои ѝ стоеја на располагање за стабилизирање на банката, а тоа се:
-вонредни мерки, што значи парични казни за банката поради непочитување на нејзините одлуки и одземање на лиценци на членови од Надзорниот и Управен одбор, како и забрана за обавување на одговорни функции на лица во банката . Такви мерки од Народна банка не беа преземени.
– вториот инструмент, администрација.
Доколку Народна банка го употребеше овој инструмент, бидете убедени дека Еуростандард банка и денеска ќе беше правен субјект во банкарскиот систем потребен на целата наша држава.
Оваа е моја перцепција, дека ако се воведеше администрација во Еуростандард банка, за само 12 месеци ќе се разбереше дека банката има доволно финансиски средства за нејзино функционирање и за безбедност на правните и физички лица, клиенти на банката.
Стечајната постапка која денеска е сѐ уште во тек, дава одговор дека финансиски средства во стечајната маса има доволно да се обештетат сите правни и физички лица, клиенти на банката. Од тука се поставува прашањето: кој е налогодавецот за директно носење на банката во стечај?
Народна банка е егзекутор, а во оваа егзекуција соучесници се: Техничката влада, предводена од Оливер Спасовски, Собрание на РМ и Основното јавно обвинителство.
Неразбирливо е во услови на кревка економија , како што е македонската и пандемијата Ковид-19 која силно го погоди и целиот свет , да се носат од страна на Народна банка драконски одлуки за стечај!
Живееме во демократско општество на повеќепартиски систем. Повеќе од очигледно е дека актуелната влада нема намера да се занимава со вистината околу стечајот на Еуростандард банка.
Жално е што и во партиите од опозицијата не гледам сигнал дека при идно нивно владеење би се зафатиле да го решат овој, за мене огромен проблем.
Убеден сум дека не сум единствениот кој настрадал од лошите политики на нашата држава. Ги има многу, за жал.
Криминалот и корупцијата денеска живеат заедно со нас во нашата земја. Промената на власта нуди трошка надеж, дека можеби навистина ќе се влезе во отворена борба против криминалот и корупцијата.
Не очекувам дека ќе бидам првиот на кого идната влада ќе треба да се посвети. Прифаќам да бидам и последниот , само со една порака: да го искорениме злото кое се вика корупција и криминал во нашето секојдневие. За оваа борба, која ни најмалку нема да биде лесна, се потребни луѓе со искуство и карактер.
Се надевам дека такви ги има во Македонија.
Јас продолжувам со мојата борба за вистината и обзнанувам дека во ноември ќе биде објавена мојата новоиздадена книга со колумни врзани со стечајот на Еуростандард банка, со кои сакам да ја запознаам пошироката јавност и да оставам пишана трага.
Книгите во голем број ќе бидат испорачани до сите институции на системот, за да бидат прочитани од најниските до највисоките структури во институциите, да појаснам за моралната одговорност и што беше тоа…
Моралната одговорност мора да профункционира меѓу нас граѓаните. Токму со издавањето на мојата книга сакам да го поттикнам секој вработен во институциите, да се вклучи во борбата против општественото зло, криминал и корупција. Морална одговорност мора да постои и опстои, без неа нема виделина за иднина.
Трифун Костовски