Мрежа за заштита од дискриминација: Собранието да не легитимира здруженија што шират теории на заговор и морална паника

Мрежата за заштита од дискриминација преку писмена реакција изрази сериозна загриженост поради, како што велат, сè почестото вклучување на контроверзното здружение „Родителски фронт“ од Струмица во собраниските јавни расправи и институционалните процеси.

Според нивното соопштение, претставници на ова здружение од почетокот на годината биле поканети на најмалку две собраниски дебати – едната за измените на Кривичниот законик, а другата за влијанието на социјалните мрежи врз младите. Од Мрежата сметаат дека ваквиот пристап не е само техничко отворање простор за граѓанскиот сектор, туку институционално легитимирање на актер чиј јавен дискурс го оценуваат како длабоко проблематичен.

„Нивните јавни објави и настапи покажуваат јасен образец на анти-ЕУ реторика, ширење морална паника, теории на заговор и дезинформации, особено во однос на родовата еднаквост, ЛГБТИК+ правата и сеопфатното сексуално образование“, се наведува во реакцијата.

Од Мрежата посочуваат дека во комуникацијата на „Родителски фронт“, меѓународните институции како ЕУ, УНИЦЕФ и Светска банка, како и граѓанските организации, редовно се претставуваат како носители на „странска агенда“ и „закана“ за децата и државата. Дополнително, од Мрежата обвинуваат дека здружението континуирано ги напаѓа академските институции, вклучително и Катедрата за родови студии при УКИМ, поставувајќи се како арбитар над експертите.

Ваквиот јазик на страв и непријателство, велат од Мрежата, произведува општествена поларизација и ја поткопува довербата во демократските институции и јавните политики засновани на човекови права.

Поради ова, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието и релевантните институции да воспостават јасни критериуми за учество на граѓански организации во јавните расправи. Тие инсистираат процесите поврзани со млади, образование, насилство и човекови права да се темелат исклучиво на докази, професионална експертиза и академска автономија.

На крајот од соопштението, од Мрежата информираат дека нивното писмо било испратено преку службените електронски пошти до сите пратеници и до архивата на Собранието, но оттаму добиле известување дека нема да биде дистрибуирано бидејќи е потпишано само од нивната организација.

Back to top button
Close