Најмалку 14.000 Македонци „изгореа“ милиони долари на пирамидалната платформа Conti

„Забавна платформа што ја интегрира филмската продукција, социјалната интеракција и фантастичното искуство. Концептот е ‘гледај за да заработиш’, со тоа што членовите заработуваат преку гледање промоции на филмови, трејлери и со тоа го менуваат традиционалниот начин на промоција на филмовите“.

Доколку го отворите вашиот телефон и ја пребарате апликацијата „Конти“ (Conti), ќе ви се појави вакво објаснување за тоа што значи оваа апликација и како работи истата. Но, вистината е дека парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано.

По користењето на оваа апликација, некој излегува побогат, а некој за стотици, па дури и илјадници евра посиромашен. Некој се навлекува во пирамидалната шема и вложува сè што има со сиот ризик, некој клика внимателно. Во секој случај, влогот е преголем, особено за жителите на Кавадарци, Радовиш и Велес, кои со месеци наназад се навлечени на оваа пирамидална шема, која функционира со плаќање во криптовалути – нешто што во земјава не е нелегално, но не е ниту регулирано.

Апликацијата „Конти“ (која не е единствена од ваков вид во земјава) функционира речиси една година. Но, сето тоа е јавна тајна, бидејќи очигледно, додека се заработува се молчи. Сè до вчера, кога групата на социјалната платформа „Телеграм“ полека почнува да згаснува, а корисниците веќе немаат приливи на „Бајненс“ (Binance) – платформа за тргување со криптовалути. Дел од нив, околу 14.000 македонски членови во групата на Телеграм од вчера се со салдо нула, дел од нив имаат заработка од илјадници евра, но дел, иако зеле брзи кредити за брза заработка преку оваа апликација, ја вложувале сета своја плата или пензија – останале посиромашни за илјадници евра.

На социјалните мрежи денеска веќе наголемо се зборува за овој пирамидален начин на заработка, зад која, според информациите на Мета.мк, како основачи, односно менаџери стојат неколку млади луѓе од истокот на Македонија. Нивните имиња се познати за редакцијата на Мета.мк, но во овој дел од сторијата нема да бидат објавени.

Принтскрин, социјални медиуми

Како функционира пирамидалната шема?

„Немаше ден да не седнам во кафуле, а да не се зборува за Конти. Ја користеа буквално сите што ги познавам. Еден пријател ми рече, ајде да те приклучам, нема шанси да изгубиш, влогот ќе си го вратиш брзо, а потоа имаш само профит. Прашав што треба да правам, звучеше лесно – да вложам одредена сума пари, да ја инсталирам апликацијата, да инсталирам Телеграм, а потоа да кликам лајкови на сугестии за филмови. Прифатив, сè додека работите не излегоа надвор од контрола, оти ете, човечко око ненаситно…“

Ова за Мета.мк го раскажува еден од корисниците на „Конти“ кој се приклучил на платформата во мај годинава. Првично вложил 750 долари.

„Имате неколку пакети, ВИП 1 кој чини 50 долари, ВИП 2 е 200 долари, а ВИП 3 е 500 долари. Ако ги купите трите пакети, плаќате 750 долари и кликате лајкови на филмови, но и каните нови луѓе да се приклучат и имате време од 75 дена. За 25 дена ја враќате сумата што сте ја вложиле и можете да си ја подигнете, а потоа имате само профит. И навистина имав, од 750 евра, во рок од тие 75 дена, добив три пати повеќе – 2.250 евра. Така и се решив да одам во втор круг, повторно да ги вложам парите“, раскажува нашиот соговорник.

Фото: Принтскрин, Компи

Но, како поминува времето, има нови пакети. Четвртиот ВИП пакет веќе чини 1.000 евра, а потоа има и пакет кој чини 6.000 евра.

„Колку повеќе кликаш и повеќе луѓе внесуваш во ова, толку и профитот се зголемува. Во Телеграм групата можеш да се вклучиш само со еден профил, но луѓето почнаа да прават лажни профили, со туѓи податоци (доколку некој не сакаше да учествува во платформата), па имаа и по 4-5 различни профили. Она што беше утешително е дека немаме закон за крипто валути и тоа не е регулирано кај нас, па не мора ниту да се плаќа данок на парите“, раскажува друг соговорник.

Мета.мк разговараше со петмина корисници на оваа платформа. Дел од нив не сакаа да кажат ниту да знаат ништо повеќе од тоа дали парите што ги вложиле ќе им бидат вратени. Но, дел од нив детално го знаеја начинот на кој функционира оваа пирамидална шема.

„Имаше луѓе што заработуваа и по 200 долари дневно. Ама тоа се само оние кои се приклучија на почетокот. За да станеш менаџер, S1, треба да имаш тројца под тебе кои го купиле највисокиот пакет од 750 долари. Понатаму, рангирањето расте, па за да стигнеш до S5, на пример, треба под себе да имаш петнаесетина луѓе од S2, S3. Звучи сложено, но кога ја гледате апликацијата е прилично едноставно. Претходно, јас немав никакво искуство со крипто валути, но ова ми стана секојдневие“, раскажува друг соговорник.

Парите на луѓето им се слеваат на онлајн платформата Бајненс (Binance), а потоа во менувачница можат да ги подигнат кога сакаат и во било која валута, но откако ќе поминат 25 дена.

Повремено има и промоции, па во еден ден тие можат да ги вложат парите и веднаш да ги повлечат, а потоа во останатите 50 дена им се слева само профитот. Тогаш и најмногу расте бројот на корисници – масовно се вложува, а потоа се чекаат „лесните пари“ на сметката на Бајненс. Парите можат да се подигнат по истекот на 72 часа.

Фото: Принтскрин, Конти

Чија е „Конти“?

Конти нема информации за сопственоста, а работи од два познати домени на веб-страници: alconti.com – првпат регистриран во јануари 2020 година во Велика Британија каде приватната регистрација последен пат е ажурирана на 24 септември 2023 година и conti.vip – регистрирана во јули 2023 година, последен пат ажурирана на 24 септември 2024.

Според веб-страницата BehindMLM, која ја истражува сопственоста на компаниите, „Конти“ има блиски врски со Кина и станува збор за „рециклирање на новоинвестирани средства за да им се плати на претходните инвеститори“.

„Со кликнување на копчето наводно се генерира приход кој е поврзан со некои податоци за вештачката интелигенција. Наведените податоци наводно се продаваат на фиктивните партнери на Конти, а процентот оди на здружени инвеститори (кои не прават ништо повеќе од кликнување на копче во апликација). Ама тоа нема никаква смисла. Кликнувањето на копче во апликацијата нема никаква врска со филмските инвестиции или податоците за вештачката интелигенција. Во реалноста, кликнувањето на копче на апликацијата на Конти не прави ништо. Сè што прави Конти е рециклирање на новоинвестираните средства за да им плати на претходните инвеститори. Конти е дел од групата на апликацијата „Кликни на копче“ понзи измама, која се појави кон крајот на 2021 година“, пишува на оваа веб-страница.

Според нашите информации, „Конти“ пристигнува на македонскиот пазар преку девојка од Неготино, но потоа двајца млади од Кавадарци го преземаат приматот.

„Во групата на Телеграм тие објавуваа фотографии како одат на обуки во Велика Британија, како присуствуваат на конференции во Словенија. Во Кавадарци свечено беше отворен и информативен центар на Конти, истото подоцна беше направено и во Радовиш, а најава за инфо центар имаше и за Скопје. Оттаму, знаевме дека сè е законски, но исто така бевме свесни дека ова нема да трае долго“, сведочи еден од корисниците на „Конти“ во земјава.

Сите корисници со кои разговаравме беа едногласни дека никој не ги присилил да вложат пари и дека напротив, им било кажано дека е можно платформата да трае до Нова година, а потоа да се укине.

Две од лицата кои се поврзани со „Конти“ (како менаџери, со најголема заработка) не одговорија на нашите повици и пораки. Одговори третото лице, млад човек од Кавадарци, во телефонски разговор кратко ни изјави дека е во гужва, но дека исходот од ова бил очекуван.

„Јас сум прв што влегов во Конти, но и излегов. Ги предупредив и останатите да си ги извадат парите и да излезат. Не може никој да знае до кога ќе трае ова, затоа ќе има нов проект. Се знаеше дека еден ден ова ќе се сруши. Некој добива, а некој губи“, кратко ни одговори младиот кавадарчанец.

Во меѓувреме, луѓето кои во последниве дена инвестирале и изгубиле на овој начин, си ги бараат парите назад, но за овој проблем сè уште нема конкретни одговори бидејќи дури сега, јавната тајна навистина стана јавна, па ќе се очекуваат официјални одговори од институциите, што и дали воопшто може да се направи за да се сузбијат ваквите пирамидални шеми.

Пирамидалните крипто шеми во Македонија успешно виреат со години

Очигледно дека ваквите измами ѝ се добро познати на полицијата. Уште во јули 2022 година, Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи апелираше до граѓаните да не наседнуваат на ветувања за нереални приходи за многу краток временски период.

„На овој начин сѐ повеќе граѓани влегуваат на пазарот за криптовалути, но немаат доволно знаење или информации како да го направат тоа на безбеден начин“, посочија уште тогаш од МВР додавајќи дека во „последниот период“ зачестиле измамите во кои граѓаните остануваат без илјадници евра и криптовалути.

На почетокот на 2022 година, порталот на албански јазик Порталб.мк пишуваше за пирамидалната шема „Биг Комерц“, кога исто така илјадници граѓани беа измамени, а некои заработија големи суми. „Биг Комерц“ функционираше на многу сличен начин како „Конти“, користејќи ја контроверзната апликација „Бајненс“.

(Продолжува)

 

Back to top button
Close