Не „заедничка историја”, туку „заеднички (европски) живот”

 

Судбината на договореното (договорите како акти) меѓу две различни страни зависи од повеќе објективни и субјективни фактори, но највеќе од квалитетот на договореното, но и од волјата, сериозноста и упорноста на странките. Со ставките на Договорите можат да се фундираат стратешки и долговечни намери и очекувања, тие можат да корегираат определени аспекти на состојбата и да ја зацврстат, но можат да бидат и промашени до колку договореното е формално, без дух и респект и да бидат третирани како „тоалетна хартија” (како што еден постигнат договор го нарече поранешен член на врхушката на ВМРО ДПМНЕ, а означува ништовен договор, договор кој не мора да се почитува).

Современите барања и содржини на Договорот за пријателство, доборососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија него го издвојуваат како спецификум во ризницата на документи со нагласен историски карактер и значење. Зашто, тој не е обичен административен текст, туку текст кој ќе влезе летописот на Европската Унија, и документ кој ќе стане дел од академскиот предмет  на меѓународното право. Тој има специфична тежина на документ кој насилното решавање на споровите во меѓународните односи го заменува со договарање и меѓусебно разбирање и спогодување. И тоа тука на Балканот кој има „авторско право” врз поимите „балканизам” и „балканизација”. Заради тоа неговото третирање и реализирање е на ниво на историска мисија. Тој е своевиден завет на новиот дух меѓу двата соседи (Република Македонија и Република Бугарија), но и на залагањата на Европската Унија за нов квалитет на односите во големиот европски дом. Тој е завет на цивилизациските барања за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете држави, за „добрососедските односи во духот на европските вредности”, и за „создавање на единствена Европа”.

Ваквиот третман и значење на овој Договор однапред позитивно ја проектира својата „судбина”, тоа да биде договор со величенствена и благородна цел да санкционира нов дух (пријателско, добрососедство и соработка) во меѓусебните односи меѓу соседите. Договорот не смее да доживее варварски третман на „тоалетна хартија” зашто тој е подготвен, проектиран и проткаен со искрени очекувања да биде дел и придонес на модерните идеи и напори за просперитет и европеизирање на преостанатиот дел земји во западно-балканскиот простор.

Од тие причини, покрај искрениот и несебичен ангажман на македонската страна, во оваа историска сторија се битни уште два моменти: прво, квалитетно подготвениот Договор да биде прифатен и подржан од македонските граѓани што ќе му даде потебна доза на легитимитет, поткрепа и заштита кај граѓанството, и, второ, ангажманот врз него да биде неспорно амбициран од властите и од народот тој да се реализира успешно. Тоа, воедно, претпоставува набој од социјална енергија и активирање на целиот интелектуален потенцијал на републиката (и на другата договорна страна) кој функционира и постои во сите области кои се предмет на Договорот. Таа збиена позитивна енергија треба да биде барем на ниво на мобилизираната позитивна енергија и ентузијазам што избликнаа во култната Шарена револуција со која се рушеше диктатурата во младата македонска држава и се ослободуваше тнр. заробена држава. Велат, ум во Македонија не недостасува, на надлежните е да го побараат и да го користат. Оваа историски димензионирана одговорна задача (реализација на Договорот) истовремено е феноменална прилика за промоција, афирмација и признание на улогата на интелигенцијата и на стручната фела во сите области за кои се преговара, односно на знаењето/умот/искуството на учените во двете европски позиционирани земји. Позитивно енергизираната политичка волја и мудро користениот интелект (поединечен и колективен) од обете страни е формула за успешно реализирање на обврските од Договорот што овие земји ги имаат пред себе, ЕУ и меѓународната заедница.

Анализата посочува дека во Договорот се групирани четири основни тематски целини: политика, економија, култура, општествени дејности. За секоја од нив би требало да се задолжат бројни ангажирани тимови на експерти од обете страни, кои ќе понудат насоки за негово осуштествување и создавање на амбиент за натамошно пријателство, добрососедство и соработка меѓу двата соседи.

Првата област е ПОЛИТИКАТА: Договорот е резултат на иницијативата и креацијата на политичките субјекти од двете земји. Договорот предвидува бројни обврски во сферата на политичкото дејствување и одлучување: усогласени активности на обете страни во рамките на Обединетите нации, во Организацијата за безбедност и соработка во Европа, во Советот на Европа и во други меѓународни организации и форуми; се предвидуваат контакти и средби меѓу претставници на органите на државната власт и меѓу локалните власти и граѓаните на двете земји; координирање на правната и конзуларната област; помош на Република Бугарија за македонската страна да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија; се пропишува покренување на расправа за отворените историски прашања меѓу Македонскиот и Бугарскиот народ и слично.

Втората област е ЕКОНОМИЈАТА: Договорот налага да се создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал; заеднички инвестиции и развој на соработката во областа на туризмот; да се прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите меѓу двете земји, и да се учествува заедно во регионални инфраструктурни проекти. Исто така, од интерес за двете страни е олеснувањето на царинските и граничните формалности за патниците и стоките меѓу нив.

Трета област е КУЛТУРАТА: Соработката во областа на културата меѓу Република Бугарија и Република Македонија може да се оцени како мошне успешна. Културните актери, субјекти, дејци и организации од културниот живот на двете земји одржуваат бројни редовни меѓусебни средби и перформанси. Залагање на Договорот е таа соработка да се одржува, продлабочува и збогатува во сите форми и содржини – музичкото и фолклорното творештво, литературното творештво, преведувачката дејност, ликовната и скулпторската уметност, поп-културата, заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земји, и слично.

Четврта област се ОПШТЕСТВЕНИТЕ ДЕЈНОСТИ: контактите во оваа сфера се неопходни за двете држави, зашто многу од овие дејности според својата природа ги надминуваат државните граници. Да ја споменеме не пример борбата со пандемијата на COVID 19. Бројот на организирани субјекти во општествените дејности е импозантен, зашто потребата од нив секојдневно се зголемува. Тоа се витални сфери на општествата кои извршуваат значајни задачи, со што се наметнуваат обврски на двете страни да разменуваат искуства и задолженија кои се од интерес на меѓусебното дејствување. Ова се однесува на образованието, науката, здравството, социјалната грижа, областа на информациите и средствата за јавно информирање, спортот, екологијата, соработката во домените на заедничките чествувања на заеднички историски настани и личности, и слично.

Реализацијата на Договорот не е ексклузивна надлежност на политичарите од двете земји. Тие имаа задача да ги подготват условите за договарање, да ја следат и потпомагаат неговата реализација. Но, големи се обврските и одговорноста за судбината на Договорот  и кај Бугарската и Македонската јавност. Неговото преточување во општествената практика ќе биде историски успешна мисија и сторија за напорот и разбирањето со кои двете општества (Бугарското и Макодонското) ги уредија своите меѓусебни односи и го трасираа заедничкиот пат во европскиот дом и цивилизација.

П.С. Во име на возвишената европска перспектива и цел, добронамерната Македонска јавност ја потсеќа добронамерната Бугарска јавност на обврската од Договорот дека Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и` помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија…”!!! Ова е обврска која е во сферата на fair play и почитување на дадениот збор/договореното. Пречките во смисла на „нејаснотии” околу историските настани („заедничка историја”) нека ги расчистуваат историчарите, општествената јавност нека го гради „заедничкиот (европски) живот”.

Ѓорѓи ТОНОВСКИ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close