Ничии деца

„Познати ти се овие имиња? Ги знаеш ли овие што поминале на тестот за контролори на летање? Па овие се ничии.“

Ова е уште една показна вежба како изгледа животот во Македонија на оние што се ничии. Осум деца биле најдобри на тестирањето на Еуроконтрол што го правела независна лиценцирана фирма од Данска, покажале колку ги бива без помош на баленсери и бадентери, ама директорите на Македонска навигација (МНАВ) не сакале да ги пуштат на школување во Данска затоа што на тестовите не поминале нивните деца и децата на партиските функционери.

Не дека бевме изненадени, оти така е во сите државни и општински институции и фирми. Само што, овојпат станува збор за Контрола на летање, што ова поразително сознание го прави уште побрутално. Едноставно, сите ние што не сакаме да бидеме нечии, што создаваме, се обидуваме да направиме пристоен приход за себе и семејствата, редовно плаќаме даноци, придонеси за пензиско, за здравствено осигурување, плаќаме паркинг, плаќаме сообраќајни казни, ама не сакаме да бидеме во партија, сме отпадници. Ничии. И кога ќе ни притреба државата што ја плаќаме, таа не е тука за нас, туку понекогаш и нè малтретира и нè игнорира за да им удоволи на своите деца. А овие 8 деца што ги бидува за контролори на летање уште и ги репресирала оти биле најдобри.

Партиите ни ја киднапираа државата. Толку се осилени, што не се ни свесни дека работат против јавниот интерес. Видовме, спремни се дури и да ја загрозат и безбедноста на авиосообраќајот само за ги вдомат своите. Толку се осилени и со изгубен контакт со сите што се надвор од нивниот партиски круг, што директорите на МНАВ дури побарале и отчет од данската школа за контролори на летање, да им одговори како се осмелила да ги прими осумте најдобри деца кога тие не биле на ничиј список. Побарале отчет зошто не се примени нивните деца. Што ли им кажале на Данците? Не, не, вие не разбирате, на нашите деца им е супер тестот. Не, не, не разбирате, знаете ли чии деца се овие? Не, не, вие не разбирате кој стои зад овој список. Еј, барале отчет од Данците исто како што тие се научени да даваат отчет на шефовите во партиите.

Министерот за транспорт Благој Бочварски немал став дали е загрозена безбедноста на авиосообраќајот. Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на Фејсбук напиша дека треба да се почитуваат законите. Замисли! А Владата вели дека МНАВ била независна државна компанија. Кога треба да си ги примаат своите деца тогаш се назависни. А кога за нив се пазарат партиите кого да постави Владата, тогаш се зависни.

Море, што туку мудруваат, што туку ни продаваат процедури. Наместо премиерот да ги смени сите тројца членови на Управниот одбор за три дена, ние допрва ќе го мериме индексот на перцепција за корупцијата. Во Данска.

Еден од поискусните контролори коментираше: „Ова не е Дурмо турс, или пожарот во Тетовската болница па да ги заматкаат случаите по судови“.

Со членството во Еуроконтрол земјава фактички ги практикува строгите европски стандарди за безбедност на сообраќајот. Ние не сме во ЕУ на земјата, ама практично ја имаме ЕУ на небото. Ама, ај сега и ова што го имаме како стандард на небото да го изгубиме. Полна им е устата со ЕУ, ама ЕУ стандардите да не важат за нивните деца. Како запнале, ако утре нè исфрлат од Еуроконтрол, за тоа ќе ги обвинат ничииве деца затоа што биле способни.

Целата колумна на Горан Михајковски на сдк мк

Back to top button
Close