Новородено бебенце почина на ГАК – Семејството вели дека е од сепса, Клиниката ќе чека официјален извештај од судска медицина
На 21 април на скопска Гинекологија починало новоредно бебенце. Бебето било родено пред време, односно во седмиот месец од бременоста, на 6 април 2026 година.

Од семејството за Инфомакс рекле дека „бебето беше предвремено беше родено, во седми месец, но здраво, со функционалност на сите органи. Првите пет дена си беше супер, барем така ни кажуваа, после петтиот ден почнаа да се комплицираат работите, бебето беше пренесено во изолација, не ни кажуваа каков тип на инфекција е, после тоа ни кажаа дека е сепса.“
Од Клиниката за Гинекологија и акушерство за Инфомакс велат дека бебето е родено со инфекција, меѓутоа официјални резултати ќе се чекаат од обдукцијата, која е направена, а резултатите би требало да бидат готови деновиве.
– Станува збор за предвреме родено новороденче, родено во 28 гестациска недела со телесна тежина од 930 грама. По самото раѓање на бебето се утврдени знаци постоење на извесна инфекција која ја има развиено интраутерино што најчесто е случај кај предвреме родените деца.
Во меѓувреме кај бебето e земена и хемокултура и е добиен негативен резултат. Во случај на добивање на негативни резултати од хемокултура институцијата по протокол нема обврска да пријавува во ДСЗИ.
За време на целото лекување со новороденчето е постапувано по сите протоколи современо лекување на предвремено родено бебе на одделението за интензивна нега и терапија. При прием кај мајката е нотирано дека истата имала нелекувана гинеколошка инфекција.
На 21 април и покрај сите напори кои биле вложени во лекувањето на ова бебенце, за жал настапила смрт. Телото е испратено на обдукција по што по добивањето на патохистолошкиот наод би се знаела точната причина за ваквиот исход.
Вработените на ГАК жалат за ваквиот исход. И покрај вложениот труд на медицинскиот персонал
понекогаш за жал причината за летален исход е посилна од сите терапии.
Во случај на смрт на новороденче службено истото како починато лице се пријавува во Управата заматични книги, информираат од ГАК.
Од семејството велат дека треба да се испита како и од кои причини кај предвремено родените бебиња доаѓа до тешки инфекции и сепса, и дали постои начин тоа да се спречи во иднина, за ниту еден родител да не ја почувствува оваа болка






