Огнени стрели за мултикултурата

Се повеќе се кристализира раслојувањето во ДУИ кое во последно време добива и димензии на внатрепартиска кампања, во која “старата постава” со неколку привезоци се спротивставува на сегашните креатори на политиките на партијата ДУИ – кои недвосмислено се поддржани од нивниот лидер Али Ахмети.

Проследувајќи ги изјавите и реториката во двата табора на ДУИ, некако се потешко ми е да ја видам причината и мотивот зошто “огнените” се толку разјарени. А, се почна како некое незадоволство од работата на Бујар Османи и на Артан Груби за да сега се прошири и кон Талат Џафери. Низата обвинувања некако се чини се сведуваат на празни зборови и на ад хоминем напади…

Освен, еден битен детал!

Детал, многу важен и суштински сегмент содржан во изјавата на скопјанецот и шизик Изет Меџити – кој малку ме изненади. Поточно многу ме изненади, да не речам ме скамени.

Тој, имено, во своето интервју за РСЕ покрај нивото на отпор што го манифестираше кон своите сопартијци искажа,  впрочем, само две суштински несогласувања. Првото, се однесуваше на негова оценка дека партиската програма на ДУИ не била спроведена во целост: “била 2 %посто остварена” – што беше експресно демантирано од Артан Груби во интервјуто за ИРЛ; додека втората битна забелешка, дозволете да го цитирам Изет Меџити, кој рече дека сегашносто раководство на ДУИ: , го „трампало Рамковниот договор за мултикултурализам или пак за граѓанско општество“.

Оваа изјава, навидум бенигна, сепак заслужува поголемо внимание имајќи ја предвид индикацијата која ја сугерира.

Прво, сакам да верувам дека оваа изјава или е лапсуз или е резултат на реалната јазична бариера, за која имам апсолутно разбирање. Но, ако тоа не е случај , ми се чини дека Меџити ќе мора да се дообјасни, затоа што вака кажан став има опасни последици по нашата земја.

Зошто ?

Приоритетно, затоа што рамковниот договор, нашата конституција и мултикултуралимот во никој случај не се взаемно исклучиви! Напротив. Уште поважно, демократијата без граѓанско општество едноставно е невозможна!

Како тоа “трампан е ОРД за Мултикурализам” тврди Меџити? Ова е крајно несериозно тврдење со несогледиви последици, затоа што ако тој има против мултикултирализмот, значи дека има и против ОРД, значи дека има и против РСМ која е референтен научен пример на примена на нетериторијален нормативен мултикултирализам, токму со ОРД. Поточно, меѓу редови (ако не станува збор за лапсуз, пак ќе повторам) ова звучи дека “огнените” сè уште сакаат да играт покер со остри етно-националистички карти?

Или, што е точно тоа што му пречи на Меџити и неговата компанија? Дали се можеби процесите на декларираниот курс во националната стратегија за Едно општество за сите и интеркуларизам? (реферирам на ова, затоа што мислам дека тоа е каменот на сопнување во ДУИ – на едно поопшто ниво). Овој владин курс, кој мислам дека сакаше да го адресира Меџити, доби особена видливост на ниво на ЕУ и сè уште е реферетен пункт за пофалба на РСМ, особено затоа што создаде значаен исчекор во повеќе од 20 годишното спроведување на ОРД, поточно него го збогати со интеркуларизам. Финално и најважно: мултикутурализмот и интеркултурализмот, ниту се спротивни, ниту се “трампани”, ниту е можно тоа, а науката тоа го докажала низа пати наназад.

Затоа, оправдан е и сомнежот дека можеби на “огнените” тешко им паѓа што тесните етно-национални интереси имаат можност сега да еволуираат полека и во генерални општествени интереси, па им снемува материјал за манипулација со албанското население во изборното политиканство?

Накратко, ова е најпроблематичната индикација поврзана со ДУИ како таква – во моментов, односно со нивниот раскол, кој мора да биде кристализиран што поскоро! Јавноста мора да знае кој е официјален став во врска со ова.

Политичките процеси се жива материја, а консеквентно, нешто што било политички тешко прифатливо и изводливо пред 20-ина години сега е веќе воспоставена и применета политика. Следствено, и политичарите неминовно би требало соодветно да еволуираат во врска со разбирањето и градењето на демократијата. Доколку не успеат да се адаптираат, едноставно ќе исчезнат од релевантната политичка сцена. Слично, лесно е да се дебатира за демократските процеси, а малку е потешко, некој политички елити вистински да ги прифатат тие процеси и своето постоење и делување да го адаптираат во еден подемократски систем. И повторно, доколку не успеат во тоа, едноставно ќе исчезнат од политичката сцена. Примери такви имаме многу, Љубчовисти, Груевисти, Бранковисти…и да не ги набројувам понатаму.

Во таа смисла, ние не смееме да заборавиме дека предводниците на “огнените” до вчера имаа извршна моќ како во партијата така и во државата и тоа прилично долг период, а да не навлегуваме во вмешаноста на поединци во некои процеси кои беа се само не демократски. Така што, внатрепартиските дебати и аргументирани спротиставување иако се дефинираат како здрав процес во секоја партија, сепак, сите дискусии треба да содржат и визија за демократскиот развој на општеството!  Па така, доколку визијата на огнените е содржана во погоре споменатите искази на Меџити, тогаш РСМ би имала многу сериозен проблем.

Конечно, со се поизвесното вклучување на Таравари во владината коалиција, “огнените” како да го губат и последното оружје за непринципиелните уцени во Собранието, кои би ги спровеле со неколкуте нивни приврзаници.

А ние, сите ние, наместо да се насладуваме на овие внатрепартиски пресметки во ДУИ, да изостриме поглед кон визијата за земјава, која убедена сум дека има иднина само и едниствено ако обезбеди мултикултурна демократијата суштински и фактички.

Ана Чупеска

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close