Онколошка пациентка прашува: Колкумина нема да ја дочекаат терапијата, која ја нема два месеци?
Онколошката пациентка Катерина Цаневска реагира дека во последните два месеци недостасуваат клучни терапии – Palbociclib, Fulvestrant и Nivolumab – предупредувајќи дека за пациентите тоа не е административен проблем, туку директна закана по живот.

„За некого ова се само имиња на лекови. За онколошките пациенти ова е време што не смее да се изгуби. Долгото одложување се смета за висок ризик бидејќи му дава шанса на туморот да напредува“, посочува таа.
Нејзината реакција доаѓа откако министерот за здравство пред две недели во „Претрес“ уверуваше дека „никој не е оставен без терапија“ и дека пациентите добиваат заменска терапија. Цаневска го доведува во прашање овој став, прашувајќи како изгледа „заменска терапија“ кога, како што вели, недостасуваат сите клучни лекови.
„Онкологијата не е супермаркет па ако нема едно, да земеш друго од рафт. Секој пациент има протокол, дијагноза, фаза, шанса“, наведува таа.
Дополнителна дилема, според неа, отвора и новата изјава од Министерството дека се анализира „каде завршуваат лековите“, што, како што оценува, е директен показател за нефункционалност на системот.
„Тоа не е недоследност – тоа е признание дека системот не знае што прави. Каде се лековите? Кој потфрлил? Кој ќе одговара?“, прашува Цаневска.
Таа потенцира дека секој ден без терапија значи намалени шанси за преживување и додава дека прашањето веќе не е дали пациентите ќе добијат лек, туку колкумина нема да го дочекаат.






