Операцијата успешна- пациентот мртов

Веќе трет ден како ечат жалопојките во Бугарија и во Македонија на разочараните од успехот на македонската полиција да ги оневозможи планираните инциденти при одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев. Во Бугарија се прикажуваат драмолетки од „непријателскиот“ пречек по долго чекање на граничниот премин и притворањето на тројца престапници кои ги кажаа своите патриотски мотиви зошто тргнале на пат за Македонија среде зима кој заврши на граница, уште пред да стасаат на целта во Скопје. Навредите што ги слушнавме притоа кон македонската држава и народ немаат никаква врска со роденденот на Гоце Делчев.

И нашите патриоти, како и бугарските, се разочарани од бројноста на полицијата и строгите протоколарни мерки припосетата на црквата Свети Спас каде се наоѓа саркофагот на Гоце Делчев. Малото црквено дворче на ова македонско светилиште обично 360 дена во годината е прилично празно. Само во деновите на четврти мај, и многу помалку на четврти февруари, тука се создава мало раздвижување кога државните и партиски делегации положуваат цвеќе и се сликаат да се види дека биле тука да го одбележат загинувањето и раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев и да ќарат некој поен во јавноста. Другите денови од годината тука е многу тивко, вообичаено за божјите храмови, само по некој турист, или историчар на уметноста дојден да го види иконостасот како копаничарско совршенство во оваа историски значајна црква, има и по некоја ученичка екскурзија, или некоја странска делегација да оддаде почит и да положи цвеќе. И толку.

Не знам за колку проценти ќе згрешам ако кажам дека половината од македонските политичари, министри и пратеници, градоначалници и советници никогаш не биле во црквата Св. Спас, а пак од бугарските политичари 99 отсто никогаш не стапнале пред саркофагот на Гоце Делчев. Уште помал е процентот на граѓаните од двете страни на границата кои самоиницијативно го посетиле гробот на Гоце Делчев. Толку за лажниот патриотизам.

Политички аџилак на гробот на Делчев

Вистинскиот патриотизам не значи посета на гробот на Делчев, или било чиј гроб, туку сосема нешто друго што означува остварување на пораките на големите личности што ги задолжиле своите народи и светот и со исполнување на нивните заложби. Тоа е вистинската почит за нивните жртви.

Годинава, затегнатите односи меѓу Бугарија и Македонија, како последица на погрешната политика на амбициозни политичари за власт, од почивалиштето на Гоце Делчев и црквата Свети Спас направија еден вид политички аџилак, што би рекле Хрватите „ходочашче“, ама лажно.

Притоа, посетата на светиот гроб на апостолот на македонскиот народ за некои оркестрирани групи, кои политичките партии однапред ги најавија божем како одбрана на националните интереси, најмалку беше мотивирано од оддавањето почит кон Гоце Делчев како револуционер на кој му се тесни границите и на Македонија и на Бугарија. Сценографијата беше јасно видлива, да се направи инцидент пред камерите кој ќе ги потврди заложбите на националистите дека меѓу Бугарија и Македонија не се можни добрососедски односи.

За да се случи една таква, многу веројатно крвава разврска, министрите за внатрешни работи на двете земјиподготвија некои заеднички активности. И сега, кога се` заврши како треба, со неколку маргинални испади, работата се сведе на позната лекарска изрека „операцијата успешна – пациентот мртов“. Немаше ниту еден инцидент на гробот на Гоце Делчев, ниту пак пред црквата Св. Спас. Се` помина мирно, но во напната атмосфера. Арно ама тоа што не се оствари со провокации и инциденти, се оствари низ политичките кабинети и преку медиумите. Повторно маргиналните испади добија поголем публицитет од успешната контрола да не се случат поголеми конфликтни ситуации.

Главен аргумент не е фактот дека не дојде до нарушување на јавниот ред и мир, туку зошто толкаво полициско обезбедување и демонстрација на сила. Се разбира, во спротивен случај ако имаше инциденти и недоволно обезбедување, ќе беше жестока критиката дека полицијата потфрлила и неподготвено и без добра проценка дозволила да дојде до несакани сцени, или трагични случаи. Пациентот е мртов по успешната операција, бидејќи крајниот резултат е дека по четврти февруари односите меѓу Бугарија и Македонија никогаш не биле позатегнати од осамостојувањето на Македонија досега. Вториот висок резултат е што Бугарија со своите погрешни политики на вета и уцени успеа да им ги поништи сите адути на поддржувачите на добри односи меѓу двете земји и поддржувачите на македонските Бугари да бидат во Уставот заедно со сите други делови од народи кои живеат во Македонија.

 

Пак се истура отровот за истиот народ во две држави

Во суштина се` што се случува меѓу Македонија и Бугарија е последица на фактот дека нашиот сосед не сака Македонија да биде членка на ЕУ. Тоа навистина да го сака, како што јавно се декларира и постојано го повторува пред европските политичари и во Брисел, тогаш ќе има и решение на проблемите. Доволна е гаранцијата дека по влезот на Бугарите во Уставот ќе престане политиката на вета и препки. Такво нешто за жал нема на повидок. Напротив, поизгледни се натамошните затегнувања на односите бидејќи во Бугарија годинава ќе има избори, по петти пат за неполни две години, а секогаш пред избори Македонија е добра тема за популистички настапи на партиските конкуренти.

Една од политичките бугарски партии во подем, Преродба, веќе ја искажа јавно својата отровна стратегија од минатиот век кон Македонија со познатата антимакедонска теза: ист народ во две држави. Тоа веќе не е ни познатата посесивна љубов со сила да бидат сакани Бугарите во Македонија. Се работи за отворена најава за агресија и пропаганда која потсетува на истата доктрина на најмрачниот период во историјата на македонскиот народ од првата половина на 20 век.

За жал и кај нас во македонските опозициски партии и во значајни научни и универзитетски средини, декларативна е определбата за припадност на Европа и за членството во ЕУ. Доколку и тука е искрена таа определба, исто така, решението на проблемите меѓу Бугарија и Македонија е можно. И ова наликува на една вистинита анегдота кога српскиот премиер Никола Пашиќ го испраќал првиот амбасадор во Бугарија со зборовите: „ние не можеме да ти испраќаме посебни инструкции, ама запамети, во принцип нашиот став е секогаш спротивен на бугарскиот.“ Разликата е што сега и од двете страни ставовите се спротивни на се` она што и да се предложи како здрав разум за надминување на се` посложените условувања кои излегуваат и од рамките на Договорот за добрососедство и од добрите светски практики.

 

Бугарското вето како нож во грбот 

Бугарија долго време калкулираше со фактот дека нема изгледи да се решат односите меѓу Македонија и Грција. Тоа беше прилично удобна позиција, Грција да го блокира патот на Македонија кон ЕУ. Притоа, Бугарија играјќи на картата дека проблемот е нерешлив немаше потреба да ги заострува односите со Македонија.

Но, ете се случи тоа што беше најмалку веројатно. Македонија и Грција склучија Договор кој го отвори патот за евроатланските интеграции на нашата држава. Тогаш стаса бугарската фактура со вето како нож во грбот, по многумина повеќепати потешка од грчката.

Како ќе се одвиваат понатаму работите воодносите меѓу двете соседни земји, кои носат голем товар од минатото и од она што деновиве се случува, тешко е да се дадат оптимистички проценки. Ветото навистина е симнато, ама веќе има закани од нова блокада. Бугарија годинава ќе има избори, а тоа е период кога популизмот на сметка на Македонија носи политички поени. Наредната година, пак, во Македонија ќе има парламентарни избори што, исто така, ги врзува рацете за компромисни решенија. Од друга страна, додека трае војната во Украина поради значајната позиција иулога на Бугарија во оваа војна, Македонија тешко може да очекува порешителна поддршка од ЕУ.

Но, постои и нешто друго во политиката. Кога најмалку се очекува можни се решенија прифатливи за двете страни. Кога последното гајле е најголемо, другите стануваат небитни.

Ерол Ризаов

Извор: дв

Back to top button
Close