Отворање на изложбата „Заедно дишеме, јадеме и пиеме” на Симона Манчева

Изложбата „Заедно дишеме, јадеме и пиеме” на Симона Манчева ќе биде прикажана на 28.10.23 (сабота) од 12 часот во паркот кај печурките,  општина Кисела вода, веднаш до дом на култура „Билјана Беличанец”.
На изложбата ќе бидат прикажани инсталација и цртежи со еколошка тематика, и можност публиката да црта, слика на хартија и текстил, како и да научи што е сито печат техника и како таа се работи.
„Заедно дишеме, јадеме и пиеме” е партиципативен и колаборативен уметнички проект, кој се надоврзува на интересите од минатогодишното истражување со наслов „Заедно дишеме” покренувајќи прашања за начинот на кој живееме и се однесуваме спрема природата. Овој проект се реализираше во Велес (поточно кај месноста Лавчани), и во Кавадарци во соработка со уметниците Доротеј Нешовски, Ана Трајковска, Драганчо Таневски, Ристо Јосифовски и Елена Димова Пантелиќ, поддржани од КСП Центар-Јадро.
Климатските промени и пандемијата која сите ја почувствуваме со стравот како, каде и што дишеме, влијаеше за темите на истражување. „Заедно дишеме, јадеме и пиеме” во својот визуелен аспект нуди преиспитување на начините на кои ѝ пристапуваме на природата, подигнување на свеста за екологијата, и активно делување на заедницата во решавање на проблемите на микро ниво.
Белешките насловени „Човечки активности и одлуки” зборуваат за херофобијата, за нашиот општествен поредок и стравот да уживаме во природните убавини се со цел за подобро утре, акцентирајќи ја ирационалната аверзија кон среќата.
Во соработка со Партизанска штампа ќе имаме можност да изработиме дела со сито печат техника, со што ќе ги насочиме нашите размислувања и делувања кон здравјето на населението како предуслов за квалитетен живот и благосостојба. Овие аспекти имаат фундаменталното значење за одржливиот развој, чија цел е да се дигне свеста за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата.
Генетските фактори се значајни, но сепак начинот на живеење и влијанието на животната средина се пресудни за здравјето на населението. Преку инсталација од отпад ќе можеме да го видиме нашето секојдневие, и тоа како преку обидите да се заштитиме себе си, понекогаш самите си одмагаме.
Проектот е финасиски и логистички поддржан од Општина Кисела Вода.

Back to top button
Close