Отворен 8.“ПРО-ЗА Балкан“, вечерва гости Магдалена Блажевиќ, Елизабета Баковска и Маја Солар

Во величествениот амбиент на Куршумли ан под ѕвездено небо и со почитување на сите протоколи за организирање на настани, синоќа беше отворено осмото издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје. Десетина гости од регионот, автори почитувани во своите земји, но и преведувани на повеќе јазици, дојдоа во Скопје и во услови на пандемија, да ја слават литературата.

Со Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, Калина Малеска разговараа Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот и Ермис Лафазановски, претседател на управниот одбор што ја доделува наградата „Прозарт“.

Со голем аплауз беа поздравени гостите кои, како што рече директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, „во ова невреме“ ја прифатија поканата да дојдат во Скопје..

Пред гостите се обрати и Серхат Кула, директор на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје кој го поддржува овој фестивал. -Се радувам што секоја година имаме писатели гости од Турција, а оваа година и реномираната писателка и издавачка Назли Бериван Ак ќе биде со нас. Особено ме радува што фестивалот кој традиционално се одржува во Даут-пашиниот амам, годинава се одржува во прекрасниот Куршумли ан, рече Кула.

Еден од најчитаните автори од регионов, Мухарем Баздуљ низ свои анегдоти пред присутните зборуваше за своите дела, за начинот на пишувањето, но се осврна и на актуелната тема со Ковид-19. Реакцијата на целиот свет на коронавирусот вели тој, е реакција на цивилизацијата која одбива да се соочи со темата на смртта.

Прокопиев истакна дека една од убавините на неговото писмо е како менува идентитети  односно го менува аголот на раскажувањето. Неговите родители биле лекари и хируршката прецизнос, вели тој, се гледа и во неговото писмо. Бардуљ, пак се осврна меѓу другото на неговиот роман „Последен маж“ кој е пишуван во трето лице, а жената е фокализатор.

-Мене ми беше многу драго кога прочитав во интервју на Милан Кундера за тоа што е најголемата заблуда во начинот на кој неговите дела се читаат. Тој напиша:„Ако сакате да бидете писател и да влезете во животот на другите луѓе, вели Баздуљ.

Лафазановски ја претстави авторката Калина Малеска. Во услови кога се наметнува прашањето за карантинот тој истакна интересен податок дека за време на карантинот, илјадници Шпанци почувствувале потреба да пишуваат како ослободување од некаков облик на моќ реферирајќи на книжевната студија на Малеска „Облици на моќ во современата книжевност“ во издание на „Или-или“.

-Мошне тешко е да се открие каде стои моќта на државата во однос на книжевноста. Затоа и во книгата малку го избегнав тоа прашање и повеќе зборував како се претставени облиците на моќ во самите книжевни дела. Но, ова останува интересно прашање. Она што направив во предговорот, обратно, кое е влијанието на книжевноста врз општеството. Книжевноста во повеќето случаи нема големо влијание врз општеството. Можеме да кажеме некои примери, но тешко е да се добијат баш конкретни и прецизни одговори. Но тоа не значи дека не треба да продолжиме да истражуваме, рече Малеска.

Претставувајќи го Угљеша Шајтинац, Прокопиев нагласи дека тој е познат пред сѐ, како драматург и професор по драматургија на Академијата за уметности во НоПви Сад. Но, самиот тој вели дека веќе не пишува драми, дека нема потреба повеќе од театарот и дека излегол од таа средина. Сега, вели, пишува проза, затоа што може да пишува кога сака и многу ретко и дека не живее од тоа. Објавува книга на секои две години. Со Прокопиев разговараа за романот „Сосема скромни дарови“ за кој во 2014 ја доби наградата на литература за литература на Европската унија (EUPL), за неговиот престој во Њујорк, Антон Чехов…

Шајтинац посочи дека вакви настани како фестивалот создаваат неверојатни искри од кои може да настанат фантастични дела.

Убав шарм на вечерта додаде Бранислав Николов (Пијан Славеј), кој заедно со музичарот Гоце Јованоски ја промовираа новата збирка „Срчки“.

Вечерва од 19.30 часот гости на фестивалот ќе бидат Магдалена Блажевиќ, Елизабета Баковска и Маја Солар. Ќе биде прикажан и видеоразговор меѓу Миљенко Јерговиќ и Анте Томиќ, изработен специјално за фестивалот, а ќе настапат Гоце Јованоски и Андреа Мирческа со експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ.

Денеска во 13 часот во Europe House ќе се организира тркалезна маса „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“. Ќе учествуваат гостите писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Модератор е Владимир Јанковски.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.

Back to top button
Close