„Ова не е правда, ова е формалност“: Реакција на семејствата на загинатите во “Пулс“ за условните казни за полицајците


За условните казни за тројцата полицајци, обвинети во еден од трите предмети за трагедијата во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани, реагираа од “Здружението на граѓани 16 март 2025“, формирано од родителите на загинатите во пожарот.

-За злоупотреба на службена должност, законот предвидува до 10 години затвор, а денес имаме условни казни – и тоа за утврдена злоупотреба во систем што со години дозволувал незаконитости, чие непостапување создало услови за трагедија со 63 изгубени животи и над 200 повредени.

Законот предвидува затвор (6 месеци до 3 години, до 5 години, или најмалку 3 години – во пракса до 10 години), а во конкретниот случај, и покрај утврдената вина, изречена е условна казна, без ефективен затвор.

Овој драстичен несразмер меѓу вина и последици не е случаен – тоа е минимизирање на одговорноста и јасен сигнал дека системот се штити сам себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти.

Ова не е правда. Ова е формалност.

Очекуваме повисоките судови да ја преиспитаат пресудата и да обезбедат одговорност што ќе биде во согласност со тежината на последиците.

Нема да молчиме и нема да прифатиме ваква „правда“.

Бараме одговорност без компромис – за сите што со своето постапување или непостапување придонеле до вакви последици.

Без тоа – правдата останува само збор, стои во реакцијата.

Back to top button
Close