Перински: Ќе понудиме системски одржливи решенија за проблеми со загадувањето, јавниот транспорт, одлагањето отпад


Решенијата што ќе се понудат со изборната програма ќе бидат системски издржливи целосни решенија за проблеми како загадување, јавен транспорт, зеленило, одлагање на отпад, паркиралишта…, најавува министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Во вечерашното гостување на ТВ Телма, запрашан за можната номинација за градоначалник на Скопје, рече дека веќе јавно ја искажал неговата амбиција, како и дека одлука на партиско ниво сѐ уште нема.

За градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, чие име, исто така, се споменува како кандидат за градоначалник на Скопје, Перински рече дека се согласува оти е добар градоначалник на Кисела Вода.

– Каква и да биде одлуката и јас и тој едногласно ќе се сложиме и ќе ја поддржиме и ќе застанеме позади неа, подвлече министерот за локална самоуправа.

Истакна дека втората половина од унгарскиот кредит е наменета пред сѐ за малите и средните претпријатија што би требало со евтини камати, пари да можат да се доекипираат да бидат конкурентни и да можат да извршуваат одредена дејност и активност. Притоа истакна дека со овие средства што се даваат во локалните самоуправи, индиректно се влијаело и во зголемување на обемот на економијата.

Повторно се осврна на тоа дека само градоначалниците во моментот се единствените функционери коишто откако граѓаните ќе ги изберат, веќе имаат загарантирано четиригодишен мандат без разлика на нивниот перформанс. Тој рече дека лично, а и во Владата, сметаат дека никој не треба да го ужива овој комодитет.

– Во делот на комуналните редари, не само во главниот град, туку и во останатите градови, насушно е потребно комунално редарска служба со зголемени ингеренции за да може да превенира пред сѐ дивијантни однесувања, а на крајот на денот и да казнува, иако репресивната политика на ниедна влада не ѝ е омилена, но, едноставно, не можеме да не одговориме на потребите на граѓаните и на потребите на крај на нашите опкружувања, додаде Перински.

Според министерот, „она што го правиме надвор од границите на Република Македонија и можеби сме најпедантни од цела Европа како граѓани, не го пресликуваме кога сме дома“.

– Оние услуги што јавните комунални претпријатија ги продаваат, не би требало да бидат предмет на политичка битка. Цената на водата, то ест, цената на услугата, бидејќи водата не се продава, туку услугата, то ест системот по кој се испорачува водата, во различни општини има различна висина на цена и тоа не е само заради одлуките на Совет. Тоа е и заради инвестициите што јавните комунални претпријатија во претходните години ги правеле, но, според мене регулаторот би требало да биде тој што ќе ја дава рамката од – до, која би требало да биде вредноста на услугата што ја нудат кон граѓаните, без Советот да има обврска да ја верификува, да кажеме, таа одлука, рече Перински.

Она што нас сите нѐ тишти, како што посочи Перински, „дел загадување, дел неодлагање на оној токсичен отпад, ние тие работи сепак планираме да ги решиме централно“.

– И тоа почнуваме да го правиме. Во делот на загадување за Град Скопје, оние гасни централи што ги најавивме, веќе влегуваме во процеси на отпочнување на преговори за наоѓање на потенцијални инвеститори коишто би требало да го надминат проблемот со загадување на Скопје, најави министерот.

Back to top button
Close