Подготвен предлог-закон за амнестија по скратена постапка, потполно ослободување за казна затвор до 6 месеци
Предлог-законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собрание кои треба да дадат свои забелешки и сугестии, информира Министерството за правда. Целта е да се овозможи рестоварување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа.
Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела ,,Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, ,,Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.
Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.
Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.
Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.
Очекуваме поддршка од сите пратеници за ова законско решение.