Понеделничка надеж

Трифун Костовски

Старата мудрост вели дека „денот по утрото се познава”, па следствено на мудроста и логично размислување е дека понеделник, првиот работен ден на новата влада која најавува вистинска борба против организираниот криминал и корупција, заживување на економијата, владеење на правото и правдата за сите граѓани во државата, ќе донесе радост за мене и сите граѓани. Верувам дека конечно Македонија ќе тргне по вистинскиот пат.
Денешната колумна посветена на Еуростандард банка повторно е текстуално изразување на надеж, која не само јас, туку мнозинството мои сограѓани ја очекуваме во периодот пред нас.
Базичната порака, која ја разбрав од новата влада, е дека правото и правдата ќе бидат загарантирани, а сторителите на криминални и коруптивни дела ќе се соочат со лицето на правдата.
Мене лично, многу ми беше јасен начинот на владеење на бившата влада која ме уништи без мрвка совест.
Епилогот од стечајот на Еуростандард банка е помалку или повеќе јасен во јавноста. Од собраните средства во стечајната маса на Еуростандард банка, изминативе 4 години, во целост се или ќе бидат исплатени сите правни и физички лица, клиенти на банката.
Останува маса на слободни средства во стечајната маса кои, убеден сум дека, стечајниот управник и неговите поддржувачи нема да знаат што да прават со тие пари.
По брза постапка беше отуѓен имотот на Еуростандард банка во централното подрачје, а тоа беа: главната дирекција на Еуростандард банка и Поштенска банка, со блиску 10.000м2 деловен простор. Цените по кои беа отуѓени овие објекти се смешни, а причините се многу јасни барем за мене. Јасна причина е дека во стечајната маса на Еуростандард банка ќе се појават повеќе десетици милиони евра како вишок.
Да не се заборави дека сите вработени во тимот на Еуростандард банка во стечај, изминативе 4 години имаат потрошено повеќе од 7 милиони евра. Читателите мора да знаат дека управата која го води стечајот има обврска само да ги собере одлеаните средства. Таа не создава нова додатна вредност. Со еден зборз финансирањето на Еуростандард банка во стечај се врши од насобраните средства во стечајната маса. Факт е дека се подмирени или во блиска иднина ќе се подмират сите клиенти на банката, а тоа се мои лични средства или поточно капитал на банката.
Дали некој ќе одговара за ова злодело, дали Гувернерката на Народна банка Бежоска и нејзините Вицегувернери се свесни какво злодело ми направија?
Правдата мора да победи. Борбата со криминалот и корупцијата во ниеден момент нема да биде лесна, тоа ќе биде тешка и долга битка. Најсуштествено во моментот е волјата на ново формирана влада да биде консеквентна и бескомпромисна , дека треба да стави крај на ова зло кое владее во Република Македонија.
Времето ќе покаже, дали мојата понеделничка надеж ќе стане реален живот во Македонија, сите денови во седмицата.

Back to top button
Close