Потпис

Никој нема право. ​​​​​​​​​​

Буквално, никој нема право да потпише ад хок документ во интерес или против интерес на историјата, идентитетот и јазикот. Но било каков документ може да се потпише под услов да е со кристално јасен и прецизен текст што се однесува на историјата, идентитетот и јазикот. Инаку, било каков компромисен потпис води најмалку кон федерализација или дезинтеграциски процеси на државата по принципот на етничката демократија во блиска иднина. Овие уценувачки услови само водат кон исфорсирана етничка демократија. Или тоа е целта на долг рок? ​​​​​​

Тогаш заборавете го мотото Едно Цивилно Општество За Сите. Тогаш ни интегритетот и кредибилитетот на НАТО нема да помогне. Затоа што како организација, таа се грижи за интегритетот на НАТО границите. А внатре може да има било каква демократија. Било етничка, било граѓанска. Сеедно. Важно е да е демократија.

Цена?

Да, цената е голема. Непочеток на преговори со ЕУ во иднина и нејасна иднина. Во една твитка напишав, No EU money or values can buy emotions, history or identity. Лично мислам дека ако потписот не е кристално јасен и прецизен без дилеми на било каков документ, треба да се прифати таа цена. Европската унија без разлика што веќе делува како Здружение на независни држави, има обврска да ги решава овие уценувачки услови и спорови. Затоа што ова не е спор за риболовните води во некое ќоше на Здружението.

Треба да се има разбирање за проблемите на Здружението. Проблеми кои сигурно ќе се усложнат уште повеќе следната година со заминувањето на неприкосновено првиот политичар на Здружението во пензија. Но, сепак останува локалниот горчлив вкус во устата од немоќта на решавањето на вакви и слични случаи. Човек не може да биде нециничен кога ја гледа немоќта на Брисел, па е принуден да измислува нови методологии со fundamental and non-fundamental clusters во преговорите наредните десет години. Делува како лечење комплекси од немоќта, пред се врз трите минијатурни држави како што се Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. ​​​​​​

Трите минијатурни земји заедно немаат повеќе од пет милиони жители. Замислете колку ќе чинат овие преговарачки кластери наредните десет години! На тоа, овие минијатурни земји не можат да влијаат. Но, наредните десет години таа немоќ и лечење комплекси може само да раѓа нови и нови уценувачки услови и локални спорови како овој погоре.

Знаете, Здружението во минатото ги прекрши основните принципи за полноправно членство во Унијата, па некои земји “на клоци“ ги внесе во Унијата. Како во случајот на Грција, Бугарија, Романија, Кипар. Поучена од тоа време, одлучи да лечи комплекси за да ја скрие немоќта во одлучувањето над овие минијатурни земји погоре. Но секое лечење е пропратено со безброј нус појави како овие погоре.

Многу цинично,за жал.

Руди Лазаревски

Back to top button
Close