Преку Стојко

Италијанската државна новинска агенција Анса објави дека некој вработен во државна болница во јужниот италијански град Катанцаро 15 години не се појавувал на работа, а земал плата. Тој е обвинет за измама, изнуда и злоупотреба на службената положба, а примил 538.000 евра за периодот додека не одел на работа. Под истрага се и шестмина менаџери во болницата.

Веста е локална, ама на колегите новинари им изгледала доволно бизарна за да ја преземат, па ја објавија уште десетина светски релевантни новински агенции и медиуми. Кај нас, 1.349 луѓе не одеа на работа и земаа плата повеќе од 10 години, а тие се вознемириле само за еден човек во Италија и само за пола милион евра. Па и истрага отвориле.

Нека дојдат тука, не една вест, илјадници вести во низа можат да напишат. Кај десет години никој не ги ни бараше на работа, кај претходниот министер Дамјан Манчевски три години ги молеше да се појават, па на крај се откажа и од нив и од политиката, кај цело министерство за вдомување им отворивме, па и вицепремиер – и тоа прв – им измисливме, и сега – директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски излезе јанлаш оти не знаел каде да распредели 35 луѓе што му ги испратил Артан Груби.

Сите сакале да работат во градови каде што на Стојко не му требаат, и тоа да не одат на терен, туку да седат во канцеларија.

А Стојко вели дека немаат ни канцеларии и не сака да ги прими за пак да си седат дома. Па белким, знае директорот на една од најистурените државни институции во ковид кризата што луѓе му требаат и каде му требаат. И сега, баш тој е крив оти не сака да им дава плата за да не работат. Зошто? Зашто партијата што му ги испратила списоците за вработување се борела за човекови права. А човековите права на тие што плаќаат даноци за да им ги обезбедат платите на борците за човекови права? За нив преку Стојко ли? Не е до Стојко.

До големите очекувања од оваа власт е. И – пропорционално на очекувањата – големите разочарувања. Досега беше – остави ги, прават глупости, ама ќе им преќутуваме оти прават и големи работи. Во НАТО треба да се влезе, преговори со ЕУ треба да се почнат, инсталациите на ВМРО-ДПМНЕ во сите државни институции треба да се демонтираат, треба да се врати угледот на државата во странство, треба да се зајакне безбедноста на државата…

Ама, еве на пример, како што се приближуваат локалните избори и како што се разгорува дебатата околу урбанистичките политики, сфаќаш дека разочарувањето е двојно. Прво, затоа што СДСМ на локално ниво не само што не ги промени политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои ветуваше дека ќе ги промени, туку продолжи да ни ги продава истите простачки финти. И второ, ако СДСМ биде казнета и дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе си биде исто како што си беше пред четири години.

Ако СДСМ не успеа да ги смени урбанистичките планови, а имаше изразена волја да ги смени, тогаш зошто би ги сменил тој што ги донел тие планови? Значи – нема спас од урбанистички хаос. И после, граѓанките и граѓаните ќе им бидат виновни оти не излегле на гласање, или уфрлиле неважечко ливче. На некои им дошло преку Стојко и дигнале раце од сè, оти власта не ги разбира што сакаат.

А власта наместо да ги слуша тие што благонаклоно ѝ кажуваат, уште и ќе се расправа со нив. Па на крај, тие што не излегле на избори ќе ги обвини дека се неодговорни. А зошто луѓето би биле одговорни, кога власта е неодговорна? Ај што е неодговорна, туку уште се прави и немоќна.

Целата колумна на Горан Михајловски тука

Back to top button
Close