Пресврт со пребројувањето: Радев има 135 пратеници и можност самостојно да формира влада
„Прогресивна Бугарија“ убедливо води со 45,3 отсто според методот на „паралелно пребројување” кој се смета за попрецизен од излезните анкети кои му даваа помалку гласови и мандати на Радев. ПП-ДБ е на второто место со 12,2 отсто пред ГЕРБ-СДС со 12,1 отсто
Проекциите за распределбата на мандатите, врз основа на „паралелното пребројување” од агенцијата „Мјара“, покажуваат дека „Прогресивна Бугарија“ би имала 135 пратеници во 240-члениот парламент. За разлика од излезните анкети, според „паралелното пребројување”, БСП не влегува во парламентот
Паралелното пребројување на 95 отсто од гласовите, објавено од агенцијата „Мјара“, го потврдува пресвртот во односите меѓу водечките партии по денешните парламентарни избори во Бугарија, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Распределба на гласови по партии според агенцијата „Мјара“ / Фото: Принтскрин
Според овие податоци, „Прогресивна Бугарија“ убедливо води со 45,3 отсто од пребројаните гласови. ПП-ДБ е на второто место со 12,2 отсто, веднаш пред ГЕРБ-СДФ со 12,1 отсто.
ДПС освојува 7 отсто, додека Преродба е малку над изборниот праг со 4,2 отсто.

Тоа значи дека пет партии обезбедуваат влез во парламентот. Разликата со излезните анкети е и во тоа што БСП не влегува во парламентот.
БСП – Обединета левица“ останува под прагот со 3,1 отсто.
Излезеноста на гласачите до 20 часот изнесува 48,7 отсто.
Проекциите за распределбата на мандатите, врз основа на податоците од „Мјара“, покажуваат дека „Прогресивна Бугарија“ би имала 135 пратеници во 240-члениот парламент.

ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС се изедначени со по 36 мандати, додека ДПС би освоил 21, а Преродба 12 пратенички места.
Иако станува збор за нецелосни резултати, трендот укажува на стабилна предност на победничката коалиција и можна стабилна парламентарна поддршка.
Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници за избор на 52. состав на Народното собрание.
Ова се осми парламентарни избори во последните пет години. Право на глас имаа 6 575 151 граѓанин.
Лидерот на коалицијата „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев, по затворањето на избирачките места во изјава пред новинарите рече дека изборниот резултат претставува победа на моралот, но предупреди дека се уште останува голема недовербата во политичкиот систем во Бугарија.






