Пријавени 2.880 новозаболени од грип, бројот на случаи е намален во однос на претходната недела
За една недела, односно во периодот од 3 до 9 февруари, во земјава се пријавени 2 880 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е за 5,1 отсто помалку во споредба со претходната недела, информира денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Во однос на истата недела минатата година, пак, кога имало 1 875 заболени, сега има зголемување за 53,6 отсто.
Во однос на возраста на заболените, Андоновска рече дека најголем број – 1 552 од оние со грип или слични заболувања се на возраст од 15 до 64 години. Деца на возраст од пет до 14 години се 685, додека 317 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Оваа недела 272 заболени се на возраст постари од 65 години.
Од новопријавените заболени најголем дел – 692 се во Скопје, а потоа е Струмица со 333. Во Битола во текот на оваа недела имало 304 заболени, во Свети Николе се 158, во Охрид имало 141, во Радовиш се 122, во Велес 140, а во Куманово се 109. Во останатите градови бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
Според податоците на ИЈЗ, во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грипот изнесува 11 614.
Во овој период, како што рече Андоновска, има зголемување на бројот на заболени слични на грип.
„Согласно достапните податоци, Македонија има висок интензитет на вирусот на грип во овој период“,рече Андоновска.
Во рамките на европскиот регион Андоновска рече дека стапките на заболувања слични на грип се покачени над основните нивоа во 29 од вкупно 33 земји.
„Она што се случува кај нас е пресликано во регионот и во Европа“,додаде таа.
Прашана дали како Институт за јавно здравје ќе дадат некои препораки до Комисијата за заразни болести, Андоновска рече дека се во комуникација со нив и оти и тие ја следат состојбата.
„Извештаите ги добиваат и тие и другите надлежни институции, а последно е дека и министерот издаде одредена насока до здравствените институции од кои побара почитување на превентивните мерки“,одговори Андоновска.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.