Прво на брис во Скопје, па на плажа во Грција

Повеќето српски медиуми денеска како главна вест ја соопштија одлуката на македонската влада за ослободувањето од плаќање патарина на коридорот 10 од 15 јуни до 15 август, а „Политика“ излезе со текст за своевиден медицински туризам на српските државјани, со вадењето ПЦР тестови во Северна Македонија за одмор во Грција, јави дописникот на МИА од Белград.

„Овие денови социјалните мрежи се преполни со огласи за сместување и поевтино тестирање во Северна Македонија, каде веќе се има сериозно развиено медицинскиот туризам, а акредитираните лаборотории се натпреваруваат која ќе понуди поповолна цена за ПЦР и останатите тестови“, пишува „Политика“.

Цената на ПЦР тестот во Србија е 76 евра, во С Македонија тој за едно лице чини 35 евра, за две со попуст изнесува 30 евра, а постои и услуга ВИП тест кој чини 70 евра со добивање резултат за помалку од еден час, наведува „Политика“, додавајќи дека брзиот антигенски тест чини 16, а за антитела 20 евра по лице.

„Туристите од Србија кои деновиве патуваа за Грција кажуваат дека многумина отседнуваат една ноќ во Македонија за да ја соберат потребната документација…, а на интернет се наоѓаат и огласи на хотели кои нудат тестирање без одење во лабораторија. Еден од нив од Гевгелија нуди услуга ноќевање и тестирање за 40 евра“, пишува „Политика“.

Во РСМ постои можност и за бесплатен тест за сите патници што патуваат во странство поради лечење и други медицински потреби, наведува весникот.

Во текстовите поврзани со Северна Македонија е вметната и изјавата на српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации Татјана Матиќ дека од 1 јули цените на телефонирањето без плаќање за роаминг ќе важат исто во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и во Албанија, како и дека на 1 јули за граѓаните на Србија се укинува плаќањето роаминг во Грција.

Back to top button
Close