Путин на средба со Абас: Одржливо решение за палестинско-израелскиот конфликт е можно врз основа на принципот на две држави

Рускиот претседател Владимир Путин денеска, за време на средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Кремљ, порача дека одржливо решение за палестинско-израелскиот конфликт е можно врз основа на принципот на две држави.

„Со загриженост и емпатија ги следиме трагичните настани во палестинско-израелската зона на конфликтот, во кои загинаа повеќе од 51.000 луѓе. Тензиите се зголемуваат и на Западниот Брег. Појасот Газа доживува хуманитарна катастрофа во вистинска смисла на зборот. Русија, како пријател на палестинскиот народ, се обидува редовно да обезбедува помош“, рече Путин.

Путин му предложи на Абас да разговараат за можни дополнителни руски акции за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток и му се заблагодари на палестинскиот претседател за учеството на прославите на Денот на победата во Москва.

Абас му се заблагодари на Путин за хуманитарната помош во форма на 30.000 тони пченица, нагласувајќи дека ситуацијата во Газа е „многу лоша“.

Палестинскиот претседател нагласи дека неговиот народ не сака „блискоисточна ривиера“, мислејќи на предлогот што претходно го даде американскиот претседател Доналд Трамп за присилно раселување на Палестинците од енклавата за да се создаде ривиера.

„Палестина сака прекин на огнот во Појасот Газа и решение за хуманитарните проблеми“, нагласи Абас.

Фото: ЕПА

Back to top button
Close