Рамиз Мерко тврдеше дека нема ниедна дивоградба, ама во заштитениот појас ги има дури 65!

Вкупно 65 објекти има во заштитениот појас на 50 метри од брегот на Охридското езеро во Струга. Ова за Алсат го потврди секретарот на општината, Ристо Талески. Претходно, градоначалникот Рамиз Мерко, на неколку пати ја уверуваше јавноста дека во заштитениот појас кај Струга нема нелегални градби.

„Вкупниот број на поднесени барања за легализација во општина Струга беше 10.639. Одбиени, некомплетни без елаборат се 4.470. Решени се 3.127 предмети. Во постапка се 3.038. Од тие 3.038, 65 објекти се на 50 метри од езерото. Од нив половината се одбиени, а останатиот дел не се дојдени на разгледување“, вели Ристо Талевски, Секретар во општина Струга.

Во овој заштитен појас, според Талевски, станува збор за најразновидни објекти и објекти на спортски клубови. За ваквата состојба реагираа од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Го повикаа министерот за транспорт Благој Бочварски да му стави крај на криминалот и урбаниот хаос во Струга.

„Го потсетуваме министерот дека министерството што тој го води и Владата каде што тој припаѓа во многу случаи дури и неправедно им ги одземаа надлежностите на градоначалниците предводени од албанската опозиција. Истото сега со право може да се направи со Струга“, велат од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Во исто време, во Охрид во овој периметар на 50 метри од езерото има над 400 објекти.

„Од предметите за кои тече постапката за легализација, 414 се евидентирани во заштитениот појас од 50 метри на Охридското езеро, а 2.321 во границите на Националниот парк Галичица“, наведоа од Општина Охрид.

Во Охрид до пред две години имаше доставени над 15 илјади барања за легализација на дивоградби. Од нив околу 11 илјади се за семејни куќи, 420 за згради, а 28 за хотели.

Back to top button
Close