Резил

Трифин Костовски
Почитувани читатели, сѐ почесто го користам турцизмот резил, гледајќи со ширум отворени очи што ни се случува во секојдневието. Зборовите ,,резил” (срам) и ,,офајдил” (збогатил) се од турско потекло и имаат честа употреба во говорот зашто не ретко велиме ,,без срам се збогатил”. Секако, после пет вековно турско ропство не е чудно што сѐ уште  користиме турцизми во изразувањето. Ги користиме и  разбираме, особено ние од постарата генерација. Но дали  ја разбираме моќта на суштината на овие зборови во спрега, колку е голема силата на бесрамното богатењето?
Срамот (резилот) во секојдневното функционирање на нашата држава е присутен кај секој чесен поединец кој искрено ја сака и почитува својата татковина.
Офајдувањето, во една корумпирана држава е апсолутно можно поради македонските услови за нечесно стекнување имот и богатење на криминален и коруптивен начин. Услови на беззаконие.
Почитувани читатели, полни пет години ја водам мојата битка поврзана за стечајот на Еуростандард банка, која што е и ваша битка, битка на секој чесен граѓанин.
Колумните и фактите коишто ги пишувам секоја недела , остануваат само пишани зборови на хартија. Но оставам траги за во иднина, за посветлата иднина на нашите деца.
Институциите кои што треба да се занимаваат со овој длабок криминален чин, како што е носењето на Еуростандард банка во стечај и натаму молчат.
Очекувам од актуелната Влада силни чекори за  сузбивањето на криминалот и корупцијата,  нашето долгогодишно општествено зло.
Сведоци сме на секојдневни информации кои во дадениов момент излегуваат од Државната агенција за ревизија, за направени сериозни криминали во институциите коишто треба да го регулираат владеењето на законските норми во нашиот секојдневен живот.
Последната информација излезена од Државната агенција за ревизија  е поврзана со криминалот направен од страна на Агенцијата за запленет имот, каде што недостасуваат 7,3 милиони евра во касата. Со прости зборови, тоа се украдени пари.
Основното прашање е кој е главниот иницијатор за метастазирањето на криминалот и корупцијата во нашата држава?
Почитувани читатели, сакам со вас да ја споделам мојата лична перцепција за тоа кои се вистинските чинители на ова злодело.
Најнапред, според мене, на прво место се големите политичките партии, кои го водат севкупниот наш живот во државата, како на централно  така и на локално ниво. Политичките партии кои се борат за власт се базичните чинители за имплементирање на ова општествено зло во нашето секојдневие Еве зошто така мислам.
Сведоци сме дека  многу поединци на највисоките државни функции како премиери, вице-премиери, директори на царини и сл.  за својот личен криминал ги користеле партиските ингеренции и бенефиции за да  на крајот,  многумина од нив, избегаат од државата. Ќе ги споменам имињата на; Даравелски, некогашен директор на царина во времето на премиерот Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, премиер и лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби, вице-премиер и втор човек во партијата на Али Ахмети, ДУИ, потоа Ковачевски, директорот на ЕСМ од партијата на СДСМ.  Ниту една од споменатите партии кои денеска се на политичката сцена, не се огради или најблаго кажано не ги осуди овие „побегуљи”,  коишто немаа никаква машкост  и храброст да се соочат со делата кои ги направиле против сопствениот народ и држава.
Жално е што партиите  сѐ уште си ги штитат своите некогашни членови, криминалци. Партиите не се мафија. Како е можно, партиите кои изнедриле, изродиле, создале силни криминалци да останат и натаму недопирливи во севкупниот општествен живот во државата? Расипаната риба смрди од главата.
Ако главните политички носители се оптоварени од желбата за  лично и групно ( партиско)  богатење од политиката, тогаш доаѓаме до заклучок дека тешко може да се  верува во правдата и дека ќе се врати во нашето секојдневие за да градиме вистинска просперитетна држава со лојални и задоволни граѓани.
Денешната влада предводена од Мицковски, покажува желба да отвори вистинска борба против ова општествено зло. Борбата ја отпочна  напаѓајки го Судскиот совет и Јавното обвинителство, кои како независни институции беа ставени под капата и во интерес на организираниот криминал и корупција. Чувството за корумпираност на судството во Македонија се докажа дека не е само чувство или претпоставка  туку  и факт што кога судија од  Врховниот суд, Наќе Георгиев беше фатен на дело со мито од 10.000 евра.
Ваквите првични  потези на оваа влада укажуваат на силна освестеност и посветеност. Катастрофалната трагедија во Кочани, за жал на сметка на недолжните млади луѓе жртви, поттикна силни потези , посебно во ресетирањето на судството  и обвинителството на Република Македонија.
Чувствувам потреба јавно да укажам дека  господинот Мицковски не смее да прави никакви   компромиси со поединци коишто имаат криминогени дела зад себе. Верувам дека така ќе постапува, исто како што тие бескомпромисно ја оштетувале државата, така и премиерот да нема никаков компромис со нив.
Најнапред, треба да се огради од својот поранешен сопартиец Никола Груевски.
„Љубовта” којашто  ја покажува со Јавниот обвинител Коцевски е пример кој  не смее да опстои. Коцевски е производ на бившата влада. Поставен е на функција  да го штити јавниот, а не нечиј личен интерес.
Правдата, за која се борам, може да излезе на виделина само со ресетирање на Јавното обвинителство и судство во Македонија.
За Господинот Коцевски фактите кои што секоја недела ги изнесувам во своите колумни се ништожни, бидејќи такви наредби добил од луѓето кои го поставиле на таа позиција.
Како е можно првиот Јавен обвинител да молчи и да го држи предметот за стечајот на Еуростандард банка во фиока, кога денес од стечајната маса на Еуростандард банка се исплатени сите правни и физички лица.  Имотот на Еуростандард банка е крчмен по багателни цени, само со една цел,  во стечајната маса на Еуростандард банка да има помал прилив на средства.
Завршувам  со констатација дека криминалот и корупцијата во нашата држава е етаблиран токму од политичките партии.
Моќта на политичките партии е толку силна што на најсилните позиции во сите државни институции поставува свои луѓе. Одговорноста на партиите е сериозна. Свесно или несвесно тие го изнедруваат криминалот и корупцијата во земјата.
Морам да верувам во владата на  господинот Мицковски. Друг избор немам. Да се офајдиш со резил не е избор за вистинољубец.

Back to top button
Close