Русија разговара со Меѓународниот Црвен крст за пристап до воените заробеници


Русија денеска соопшти дека Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) има дозвола да го посети затворот Оленивка, каде во јули под неутврдени околности загинаа десетици украински воени затвореници, но оти овие посети се прекинати поради безбедносната состојба.

Од минатата недела, Киев го обвини МКЦК за неактивност во случајот со украинските воени затвореници кои ги држи Русија и тврди дека поради отсуството на посетите, затворениците се изложени на ризик да бидат измачувани.

Црвениот крст соопшти дека ја дели загриженоста на украинските власти, но оти посетите се можни само со одобрение и безбедносни гаранции.

Организацијата ги повика двете завојувани страни да го олеснат пристапот до воените заробеници и изрази особена загриженост поради неможноста за пристап до затворот Оленивка кој е под руска контрола во источна Украина.

Десетици украински воени затвореници загинаа во затворот Оленивка во бомбардирањето на крајот на јули. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за тоа.

Back to top button
Close