Шест лица лишени од слобода, вкупно седум пријави за семејно насилство во последното деноноќие


Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во последното деноноќие има вкупно седум пријави за семејно насилство, додека шест лица се лишени од слобода.

Вчера во 04:30 часот во скопско село на подрачјето на општина Чучер-Сандево, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Н.А.(33) од скопско, по претходна пријава дека околу 03:30 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга.

Полициски службеници од СВР Куманово вчера во 10:30 часот го лишиле од слобода А.Т.(42) од Куманово, постапувајќи по претходна пријава од неговиот 85-годишен дедо, дека во семејниот дом во село во општина Старо Нагоричане, по кратка расправија, физички го нападнал.

Утрово во 01:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода А.Ќ.(43) и нејзината сестра Е.Ќ.(20), двете од Куманово, постапувајќи по претходна пријава дека во семејна куќа во Куманово физички ја нападнале сопругата на нивниот починат татко.

На 15.05.2026 во 11:45 часот, 18-годишна тетовка пријавила дека нејзиниот 26-годишен сопруг од неготинско село, преку мобилна апликација ѝ се заканувал.

На 18.05.2026 во 20:00 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Ѓ.М.(67) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека по кратка расправија во семејниот дом физички ја нападнал неговата 61-годишна сопруга.

На 18.05.2026 во 19:25 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода М.И. од Дебар, постапувајќи по претходна пријава неговата 23-годишна вонбрачна партнерка од Дебар дека на 15.05.2026 физички ја нападнал во семејниот дом.

На 18.05.2026 во 21:40 часот во битолско село, полициски службеници од СВР Битола го привеле И.К.(50) од селото затоа што го нарушил јавниот ред и мир со агресивно и недолично однесување. По извршен службен разговор, тој бил спроведен во здравствена установа. Додека, на 19.05.2026 во 00:35 часот во СВР Битола, неговата 44-годишна жена пријавила дека на 18.05.2026 околу 18:30 часот, агресивно се однесувал во семејниот дом, ѝ се заканувал и физички ја нападнал малолетната ќерка.

Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и најавуваат дека по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави

Back to top button
Close