Што ли ќе прославува Путин на годинешнава Деветомајска парада?!

Прославата на 9-ти Мај, Денот на победата против фашизмот, отсекогаш била централната политичка масовка во календарот на руската домашна општествено-политичка агенда.

Тоа одбележување на победоносната епопеја на руската Црвен армија и на рускиот народ и бројните други етнички заедници под „капата“ на рускиот отпор, кои во Втората светска војна дадоа 24 милионски жртви за да се сопре фашистичката амбиција на Хитлер и неговите сојузници да завладеат со светот, 76 години по ред се слави во многу руски градови.

 

Традиционалната грандиозна воена парада на Црвениот плоштад во Москва е настанот што привлекувал и големо меѓународно внимание. Делегации на високо и највисоко државно ниво од целиот свет на настанот му даваа глобално значење. Распоредот, пак, на кадровската комунистичка и пост-комунистичка номенклатура и странските гости на централната трибина на парадата, уште од времето на Советска Русија и Студената војна, била „мапата“ според која се „читало“ кој е кој во домашната и меѓународната политика, според „словото“ на Русија.

 

77 ГОДИНИ И 77 ДЕНА

 

Годинешново, 77-мо по ред издание на овој настан ќе биде како никогаш претходно. Русија е среде војна што самата ја предизвика, а според тоа како им се одвива „специјалната операција“ во Украина, во Москва нема што воено, а ни политички да се слави. Во само 77 дена, според конзервативните меѓународни проценки, Русите загубија повеќе од 20.000 свои војници, меѓу кои западните претпоставки велат дека се и 400 руски офицери од погорните рангови, вклучувајќи и 12 генерали. Руската воена техника е, буквално, десеткувана, со (многу) стотици уништени оклопни возила, тенкови, ракетни системи, воени авиони и други летала, а на руската црноморска флота ѝ се потопени толку бродови што само нивната штета се проценува на повеќе милијарди долари.

 

За каков воен дебакл станува збор говори и податокот дека, во тековните воено-политички пресметки во Москва помеѓу армиските и безбедносните структури за тоа кој е повеќе виновен за досегашниот неуспех на инвазијата врз Украина наводно се уапсени и се во процес на „распит“ дваесетина руски генерали.

 

ТАЖНА ПРОСЛАВА

 

Од друга страна, за само два месеци од почетокот на војната, од Русија (според официјалните руски податоци) се иселиле околу 5 милиони руски државјани. Штетите од меѓународните економски и финансиски санкции, пак, се бројат во стотици милијарди евра, со тенденција на понатамошен пораст, без датум за нивно сопирање во догледна иднина. Околу 70% од домашното индустриско производство на Русија зависи од странски – што ќе рече западни – технички и технолошки компоненти, чии испораки се сопрени. Во Русија веќе ни воената индустрија не може да ја исполни ургентната потреба за пополнување на големите загуби на фронтот.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

 

Back to top button
Close