Скендербег по протокол

И така, Бугарија како најголемиот руски крт во Европската унија успеа да ја дестабилизира Македонија. ЕУ си го бере своето гајле. ВМРО-ДПМНЕ, ваква нереформирана и неисчистена од криминалците, си ја враќа силата со популизам и национализам.
 Проруската, анти НАТО и анти ЕУ Левица се зајакнува. Корумпираните насилници од ДУИ што никој не смее да ги казни ни солат памет за европски вредности. А кариеристите од СДСМ си ја кријат неспособноста со ароганција и етикетирање. Ние пак, остануваме лути, незадоволни и навредени што и власта и опозицијата ни ја навредуваат интелигенцијата со катастрофична фантазија за иднината, затоа што гледаме дека нема кадарен да ја одработи ни сегашноста.
 Па кога викаат, не е фер, предлогот не е најдобар, ама ќе се бориме, ќе се докажуваме, ќе преговараме, ама ќе бидеме внатре, во рамката, на иста маса, се прашувам – од Марс ли ќе ни ги донесат политичарите за преговарање? Овие, од сите власти досега, со години не можат амбасадори да постават во светските центри оти не знаат како партиски да си ги поделат местата, а ваму ветуваат убедување со 27 земји-членки поддржани од САД. Која администрација ќе ја организирате во процесот? Таа што две години по ред не може на време да обезбеди свидетелства на крај на школската година? Политичарите тука не можат ни тротоарите од коли да ги ослободат, ама со одлучност ќе ги бранат националните интереси во Брисел.
 Видете со кои аргументи нè убедува претседателот Стево Пендаровски дека треба да се прифати францускиот предлог. Дека како држава со 1,8 милиони граѓани и 500 евра просечна плата не сме можеле да издејствуваме подобра преговарачка рамка. Не е така. Претседателот требаше да каже дека толку можеме со овој капацитет на политичари.
 Со овие политички елити што владеат со земјава последниве триесет години меѓу кои е и тој. Човекот кој на почетокот на мандатот рече дека кога не би бил претседател и тој би се отселил од Македонија.
 Врховниот командат кој се исплаши од 30 хулигани со камења па не се појави на закажано интервју на телевизија.

Back to top button
Close